Мира имаше 70 години. Седеше пред малиот прозорец загледана во својата градина на балконскиот дел. Зелени, многу зелени, долгнавести, сплескани листови всадени во големи саксии го покриваа целиот простор како оаза во пустина. Повеќе сакаше зеленило да има во утринските глетки отколку цветови. Па нели нејзиниот омилен поет Лорка (Фредерико Гарсија) воскликнуваше: “ Зелено, те сакам зелено”. Се ширеа листовите секое утро со сончевиот изгрев и ѝ ги будеа мислите. Се спремаше за операција, и си го вртеше целиот живот дотогашен.
Беше млада и ведра, секогаш имаше многу соништа и широка насмевка. А годините се нижеа како жолти дукати. Имаше во нив и пожолтени зелени цвеќиња од нејзината градина. Беше ли добра, среќна, вистинска? Дали живееше целосно во одминатите, поранешни времиња, дали си ги оствари соништата, беше ли среќна – ѝ пролета во мислите. Остана ли нешто што посакуваше незавршено? А, имаше многу љубов во себе – семејство, деца, сега и внуци. Нејзиниот сопатник веќе одамна го напушти овој свет и ја остави самата да се бори со сите надојдени невољи. Децата си заминаа по својот пат, а внуците повремено ќе се јавеа со она нивното: “Како си бабичке?“. И таа бабичка беше некогаш нестрплива, жива, полетна девојка со широка насмевка, зеленикави очи и коса со боја на морков, кадрава. Сега е веќе подгрбавена бабичка и секоја брчка на нејзиното лице има своја приказна на настанување. Па и нека има повеќе брчки, тоа значи дека живеела, сакала и била сакана.
Докторот ѝ навести дека утрешниот ден ќе ја оперираат. И сега веќе се спремаше. Ја мачеше помислата дали ќе се разбуди од дадената анестезија, ќе го види ли повторно својот свет? Дали ќе може пак да патува со своите очекувања, ги има ли пак своите соништа?
Низ мислите ѝ пролетуваа минатите години, нешто што го посакувала, а не го добила, дали баш така требало да биде, зошто не било поинаку? И задлабочена во мислите го дочека утрото.
Го слушна ѕвоното од постарата ќерка, дојде по неа.
И полека заминаа во болница. Како и што очекуваше заврши оперативниот зафат, ја разбудија и со тешки чекори главната сестра ја врати во болничкиот кревет, а после два дена се врати во својот дом. Деновите на опоравување се нижеа, беше среќна што семејството се грижеше за неа. Многу пријатели ја посетија. Едно утро воздивна и помисли: “Значи сепак сето што го направив не било залудно.
Ги имам моите деца, внуци, мојата и нивната љубов. Моите зелени градинарски плоснати листови ме чекаат, моите омилени книги се тука“. Животот продолжува, тука е и нејзината музика, малото пијано на дното од собата ја чекаше. Тивко ги засвири омилените тонови со своите скоравени раце и воскликна: – “Боже, ја исполнив својата задача на овој свет. Сега веќе можам да отпатувам во вечноста. А моите деца и моите големи внуци ги имаат моите книги и мојата зелена градина. Сега веќе ќе го продолжат мојот пат“.
Утрото рацете ѝ се скочанија, нозете ѝ потклекнаа. Останаа мислите незавршени и желбите неостварени за да заврши уште нешто. Нејзиниот свет си замина, а трагите, нејзините чекори ќе ги продолжат оние за кои што живееше. Сепак животот ја изврши својата смисла, останаа убавините од едно плодно живеење да се движат со стапалките на нејзиното семејство.
Автор: Зинка Трендовска