Skip to content

Прости ми

  • by

Прости ми,

што те излажав,

што ти ветив

и те заколнав,

дека ѕвезди како парички

ќе ти соберам.

Прости ми,

што насмевки во ноќта ти подарив,

па утрото ти ги украдов,

што надеж во тебе вселив,

па во мрачни сништа ја претворив.

Ги развлеков тие сништа,

како партали сакав да ги скинам,

да го уништам мирисот на дома од нив,

но, ти не попушти, мене ме истолчи.

Прости ми,

што со љубов те изгорев,

што на исповед ти се отворив,

што од студ не те заштитив.

Што на него те подарив,

па тој со камен здивот сакаше

да ти го скрши, мене за да ме освои.

Што во кафез те затворив,

љубоморно те чував и луѓе повредував,

тебе да те одморам, крв во вени да изладам.

Што со тој поглед проѕирен те будев,

па болно во постела те фрлав,

на парчиња како да те кинев,

со љубов забранета дури те убивав.

Прости ми,

што во петици те симнував

и во грлово те качував,

со аплауз те разигрував,

па адреналинот на гости ти го испраќав.

Што со црни мисли на прагот ти гребев,

што без сон те оставав, па те приморував,

ангелот наш чувар да го бркаш,

на увото да му вреснеш, да го уплашиш,

па во бегство да се впуштиш,

на работ од бездната да ме однесеш,

крајот да ми го покажеш,

па со твоите солзи и мене да ме расплачеш.

Автор:
Шифра: „Фолтин“

Напишете коментар