Нашите тенденции се секогаш такви што нѐ водат кон погрешни работи. Не носат кон една иста работа- постојано повторување на истите грешки. Или, можеби свесни избори? Грешката се прави еднаш, додека изборот милион пати. Можеби имаме погрешно сфаќање за нештата? Којзнае…
Отсекогаш ја знаев вистината. Се погледнував во огледалото, но таму не се гледав себеси, туку неговиот одраз. И не го препознавав, бидејќи беше сосема спротивен од мојот. Имаше сериозен поглед, кој заплашуваше. Поглед кој тивко викаше на целиот глас- еден ден, ќе се каеш што си ме запознала. Насмевка, која беше полна со омраза, бес, лутина и огорченост кон сѐ и кон сите.
Сакав да го избришам огледалото, мислејќи дека истото е замаглено од пареата. Но, тоа не беше така. Бришејќи го огледалото, сѐ повеќе го гледав неговиот одраз. Сакав да се убедам дека не е вистина, да ѝ укажам на потсвеста дека ме залажува. Но, сите постапки се залудни, доколку во потсвеста стои само едно- постојан сомнеж, истовремено пропратен со совршено јасниот заклучок- остави го, додека е време. Оди, бегај, додека можеш да се спасиш. Додека не е предоцна. Но, јас сакав да биде предоцна. Однапред се согласив со изрекувањето на смртната пресуда, иако навремено бев предупредена.
Болката е помала кога ја дознаваш вистината уште во првиот момент. Но, доколку го одложиш дознавањето, истата боли сѐ повеќе и повеќе, горејќи ги сите делови на твоето тело. Многу е подобро доколку дозволувавме да ни се изгори само прстот на раката и да се откажеме од сѐ , но не, и понатаму сакаме да гориме, додека не се сториме пепел. И така, дозволив сето тоа да се случи. Дозволив одразот од огледалото да се префли на мојот одраз.
Мојот одраз повеќе не постоеше. Лицето кое беше секогаш насмеано, очите кои зрачеа со среќа и љубов беа покриени со темнина. Темнина која се прецрта на моето лице, благодарение на неговото. Како копирана со индиго – бев идентична.
Се гледав во огледалото, но овојпат се препознав себеси. Новата јас. Очи кои бликаа со отров, срце кое веќе се беше затруло и смеа која не симболизираше среќа, туку бес и постојана желба за реванш.
Не се совпаѓав во ниеден дел, бидејќи бев целосно спротивна со него. И знаев дека беше совршениот за мене. Но, совршено погрешниот.
Автор: Ивана Балтовска