Skip to content

Ќе бидеш ли тука?

download

Ќе бидеш ли покрај мене и кога бели влакна ќе ми ја обојат косава?
Кога копнежот за младоста ќе го делиме заедно разгледувајќи стари слики
потсетувајќи се на миговите кога бевме среќни и незрели,
кога мислевме дека единствена пречка ни е небото.
Ќе бидеш ли покрај мене и кога ќе бидам стара и збрчкана?
Кога единствен сведок за некогашната убавина ќе биде лицето кое ќе биде опуштено
кое во минатото било блескаво, сјајно и румено како јаболко
од чии усни пиеше и се насладуваше жедно со страст и лакомост.
Ќе бидеш ли покрај мене и кога ќе останам само со спомените?
Кога ќе те терам да ми раскажуваш за твоето детство,
а ти ќе ми кажеш дека било многу одамна и дека сум досадна
а јас божем лута ќе ти речам дека никогаш не е доцна за пак да се биде дете.
Ќе бидеш ли покрај мене кога ќе бидам неподнослива?
Кога ќе ми смета секоја ситница, а ти ќе бидеш крив зошто не си ми угодил,
а ти само ќе ми се насмевнеш велејќи ми дека сум претерала
или ќе се развикаш и ќе ја треснеш вратата и ќе се налутиш.
Кога ќе го очекувам крајот, а ти ќе ме тешиш како ќе заминеш пред мене
затоа што немало да биде фер јас да патам по тебе
затоа што немало да дозволиш да бидеш причина за мојата болка.
Ќе бидеш ли покрај мене кога сите ќе ме напуштат?
Кога децата наши ќе бидат веќе возрасни луѓе,
кога нема да сака никој да ме посети поради недостиг на време,
ќе бидеш ли тука да ми кажеш дека не сум сама?
Ќе бидеш ли покрај мене во најтешките мигови?
Кога ќе плачам дури и за ситница, кога ќе ми треба тишина,
а ти ќе ме прегрнеш силно неизустувајќи ни збор
затоа што доволно ќе биде само твоето присуство.
Ќе бидеш ли покрај мене кога најмалку ќе ми требаш?
Кога ќе сакам да сум сама, а ти како за инат ќе дојдеш
и ќе ми речеш: „денеска сакам да те сакам“,
ќе ме земеш во скут и ќе ти заспијам на рамо.
Ќе бидеш ли покрај мене секогаш кога ќе склопувам очи пред спиење?
Кога ќе сакам да ми посакаш добра ноќ бакнувајќи ме во чело,
а ти ќе се правиш дека спиеш и ќе ме чекаш да заспијам
за да можеш да ме гледаш додека спијам.
Ќе бидеш ли покрај мене тогаш?
Ветуваш?

Напишете коментар