Речете ѝ дека е крадец!
Таа безмилосна крадливка на машки погледи
и крадец на срца кои патеа по неа!
Ништо не допираше до неа.
Односно изгледаше дека е така,
а всушност ја допираше
повеќе отколку што можеше да се замисли.
Речете ѝ дека е учителка!
Затоа што ме научи дека
сѐ уште постојат реткости
дека убавината е таа која привлекува,
но карактерот е оној поради кој
ја задржуваме личноста покрај себе,
или ја отфрламе сеедно.
Речете ѝ дека е апстракција!
Затоа што ме фасцинира
секојпат кога ќе ја видам
предизвикувајќи емоции кај мене
кои не можам да си ги објаснам.
Речете ѝ дека е сонце!
Затоа што секојпат кога ќе ми се насмевне
мене ми огрева во душава
и ми доаѓа огромна топлина
чиниш како да сум го голтнал целиот сончев систем.
Речете ѝ дека е скулптура,
која ја обликувал невешт сликар
правејќи ги сите нејзини делови
несовршени, а сепак толку складни!
Речете ѝ дека е музика
за која би напишал стихови
која би сакал да ја слушам доживотно
дури и кога ќе бидам стар и збрчкан
би ја слушал деноноќно сѐ додека не умрам.
Речете ѝ дека е вино
од кое би сакал да пијам
додека не се опијам,
а таа со времето како виното
стануваше сѐ поубава и поубава!
Речете ѝ дека е единствена
која може да ме оживее
и само ради неа би умрел
додека полека умирам кога не е до мене!
Речете ѝ дека е ничија
затоа што дури и кога ја има некој друг,
а таа ме нема мене
исто како да е ничија,
затоа што само во моја прегратка
ќе биде наречена „моја“.
Речете ѝ дека е мост
каде што се поврзуваат нашите патишта,
а таа не може да премине на ниедна страна,
па останува на средина.
Речете ѝ дека е облак
кој секогаш ми носи дожд
кога помислувам на неа, а не е до мене,
кој секогаш го брка сонцето
кое таа го прави со насмевката,
кој секогаш ми најавува ноќ,
а ноќта без неа е само страдање.
Речете ѝ дека е приспивна песна
затоа што секогаш кога ќе склопам очи
таа ми се појавува како жива слика
терајќи ме да ја избркам од мислите
за да можам да потонам во сон,
а таа постојано ми се појавува!
Речете ѝ дека е желба
замислена, неисполнета, недостижна
која ако ми се оствари
нема да остане ништо повеќе за посакување.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.