Дамки од насмевки

Еден ден кога ќе се погледнеш во огледало на лицето ќе видиш една нерамнина на кожата највидлива околу очите и ќе се сетиш…Таа нерамнина на кожата или дамка од насмевка ќе биде видлив доказ дека некогаш си се смеела. Дека си правела гримаси, со еден збор си живеела. Нема да престанеш да живееш кога ќе ги приметиш првите дамки од насмевки. Меѓутоа нема да ти биде сеедно. Ниту кога ќе ја почувствуваш лузната која времето ја создало самото од себе…

Триесет години претходно


Се будиш во топла и мека постела со оптимистички и надежен дух и брзаш за да го „зграпчиш“ денот како што доликува. Се подготвуваш редоследно сите утрински ритуали без кои не може денот да започне. Ја облекуваш најудобната, а не најмодерната облека што ја имаш во плакарот. Важно ти е да се чувствуваш удобно во текот на целиот ден и спремна си за „поход“.
Во меѓувреме, си во трка со времето, забораваш да запреш, и да си дадеш оддишка, да земеш воздух…

Постојано некаде брзаш небаре те брка некоја недефинирана машина која ќе те проголта ако не ги исполниш обврските навремено. Така некако се чувствуваш постојано. Бараш другите да те разберат затоа што претпоставуваш дека и тие со истото се соочуваат.
Всушност, многу добро знаеш дека ти треба духовен мир, и се обидуваш да го постигнеш. Но физичката исцрпеност те совладува и тешко успеваш да постигнеш баланс помеѓу тие двете. Се наоѓаш себеси како размислуваш дека ти треба одмор од една цела година. Едноставно ти треба одмор за да се одмориш од животот. Впрочем, секому треба одмор од реалноста каде што ќе биде потполно изолиран од вообичаените случувања. Барем на краток период, за да се наполни со енергија, за да ја одмори и душата, а не само телото. Одморот е потребен за човек да се препороди и да биде подготвен за нови предизвици кои обичниот ден му ги сервира.

Живеење во трка со времето


Денешниот ден освен брзање ѝ донесе и неизмерна среќа затоа што конечно го заврши проектот за кој толку напорно работеше. Поради кој си го жртвуваше сонот и во име на сите непроспиени ноќи реши дека треба да наздрави за успехот кој нејзе многу ѝ значеше. Реши да му се јави нему за да го покани на вечера за да прослават. После вечерата во разговорот што го водеа сфати дека ужасно му недостигала. Тој беше исто толку среќен за неа и му се радуваше на нејзиниот успех.

Конечно одбра зборови со кои можеше да ѝ објасни колку многу се жртвувала самата. Колку патела нивната врска поради работните обврски, колку моменти во кои можеле да уживаат заедно биле залудно поминати.

Тогаш како да ја полеа некој со кофа полна со ладна вода. Ова ѝ дојде неочекувано, но проклето добро знаеше дека тој има право делејќи го истото мислење. Му вети дека ќе забави. На крајот знаеше дека кариерата колку што е важна исто толку не смее поради неа да се жртвува приватниот живот. Затоа што кариерата има крај како и сите други нешта. Убаво е кога те исполнува и си материјално обезбеден, но никогаш нема да ти даде топлина каква што може да ти даде искрената прегратка. Беше потполно свесна дека никој не може да ѝ го врати времето што изминало. Одлучно реши периодот што доаѓа да го прифаќа со помалку брзање и во моменти на среќа поминати со оние што ѝ значеа живот.

Сегашен момент


Се погледна во огледало гледајќи ги „дамките од насмевки“ кои се викаа брчки и се насмевна. Кожата ѝ се растегна и брчките дојдоа до израз. Беа сведоци на едно минато време кое не може да се врати и старицата тоа добро го знаеше, но беше среќна. Зошто сите ја немаа таа привилегија кога ќе се погледнат во огледало да видат дамки од минатото затоа што се збогувале со светот многу рано, што е неправедно.

Зошто знаеше дека сите кои можеа да ги видат тие нивни дамки, остатоци од некој убав период и трага од нивната младост, ги сакаа подеднакво колку што ги мразеа. Ги сакаа затоа што ги потсетуваа на моментите кои им донеле насмевки, моментите кога се грижеле за другите, кога биле лути и намуртени и толку безгрижни колку и полни со обврски. Ги мразеа затоа што беа во последната етапа од животот и дека за некое време после подолг или пократок период ќе мора да се простат од овоземниот свет и тоа колку што ги исполнуваше со очај, исто толку ги исполнуваше и со некоја празнина, неизвесност, љубопитност и душевен мир.

Е

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели