Skip to content

Средба со другата во мене

reflection.jpg

Решив да ја исчистам душава, многу прашина во последно се собрала во неа.
Време беше да седнеме јас и другата во мене и да разговараме како возрасни затоа што доста е криење, бегање од себе и детско однесување. Доста е, затоа што ми се смачи. А, кога ќе ми се смачи до овој степен правам чистка, почнувам со чистење прашина насобрана во душава со солзи што ја мијат, чистка правам и во мислите зошто редно е и тие да бидат средени и меѓу другото завршувам со една широка насмевка и заклучок од кој ми станува полесно и си опростувам, да, си опростувам. Зошто ако не си опростиш себеси, џабе и на другите ќе им простиш кога на крајот од денот не можеш да побегнеш од себе ако претходно си наоѓала начини да избегаш. Добро познато е дека од себе знаеш дека не се бега па и на крајот од светот да појдеш, и на друга планета да се преселиш, пак ќе бидеш истата. И ќе бидеш ти. Каква што си. И каква што треба да бидеш. Затоа што да беше поинаква немаше да бидеш тоа што си.
Треба почесто да си правам вакви средби, многу олеснувачки и корисно делувале. Кога луѓето би се свртеле кон себе и би одвоиле малечок дел од нивното слободно време, би откриле многу работи, би се запознале на едно поинакво ниво и многу подобро би функционирале. Знаеш, би сакала да можев ова да ти го кажам порано, кога мислеше дека тоа што те мачи е најтешката работа на целиот свет, а страшно си се лажела… (си реков)
Како да не сакаше да признаеш дека можеше да биде многу поинаку, всушност знаеш дека секогаш сѐ можело да биде поинаку. Си викаш секогаш можело да биде и потешко и си опростуваш пак, зошто некои работи навистина не се контролираат и не можеш секогаш да ги држиш конците во свои раце, колку и да ти пречи тоа.
Знаеш дека мора да си ѝ дадеш оддишка на душата, од време на време да ја зачистиш од нечистотијата што ја собрала, а ја предизвикале нечисти луѓе и да ѝ дадеш кураж повторно да биде жива како некогаш, односно како секогаш. Ништо не може да ја изгнаси твојата чиста душа ако ја одржуваш чиста. Не дозволувај никој да ти ја допира со нечисти раце, а ако ти ја допре засекогаш ќе остави дамки кои можеби и ќе се измијат, можеби нема целосно, но доволно за да не болат. Доволно за да те направат посилна.
Денес ја потврдив можеби најсуровата вистина што постои, ја потврдив затоа што одамна ја знаев, но како да се плашев да се соочам со неа.
А, мене не ми е својствено да бегам од ништо зошто секој предизвик го пречекувам со широко отворени раце. Бегав од себе, ама не долго..
Впрочем, отсекогаш сум била во допир со себе, но сега беше поразлично, некако поинакво чиниш огромна светлина ти ги заслепува очите зошто си погледнал со малку пошироко отворени од претходно, ама напротив, ти мислиш светлината те заслепува, а таа те тера на откровение и ти ја прифаќаш и не ти пречи. Нема да ти ја кажам вистината што ја открив, ти треба да ја откриеш својата вистина зошто мојата сигурно се разликува многу од твојата. И се случува секој ден да ја откривам истата вистина за која некогаш посакувам да беше само сон и една сурова лага, ама не е, и благодарение на неа јас одново и одново се спознавам себе, и ја спознавам истата вистина одново и одново. А, имам повеќе вистини.
Од сите нив онаа која е најтешко да ја споделиш, е таа најмногу боли, но и најмногу те учи, те прави претпазлив, и силен во толкава мера колку што претходно те направила ранлив. И знаеш што? Секогаш ќе трагам по моите вистини. До последен здив. И нема да дозволам некој да ми ги валка душава и мисливе зошто ми се најскапоцени и воедно најчисти.
А, додека некому ја валкаш душата, провери си ја прво твојата каква е.
За да ти биде полесно. Да можеш да ја одржуваш чиста зошто многу тешко е кога ќе сретнеш некој со почиста од твојата и ќе ја споредиш и ќе си речеш дека потребна ти е генералка. И го сакаш тој човек со чиста душа во твојот живот, зошто знаеш дека е реткост. А, ти ако не си, ќе станеш една од ретките само за да го збогатиш светот со чистота, зошто викаат бил многу загаден.
Можеби немам најчиста душа на светов, можеби е полна со лузни и ситни парченца кои многупати биле распарчувани, па составувани, но сигурно сум реткост. А, реткоста ќе ја познаеш само кога ќе ја спознаеш мојата вистина.

Напишете коментар