Како круна на нејзиниот божествен лик
беа нејзината интелигенција
и непокварената душа
од која извираше добрина.
Не дозволуваше никој да ја допре
со нечисти раце
и да ѝ го помати видикот,
зошто чистината и бистрината
ја одржуваа жива и свежа.
Прозорецот полн со сништа
сместен во одајата на вториот кат
криеше илјадници погледи,
а погледот на Џозефина кој гледаше низ него
беше насочен кон остварување
на сите соништа
кои можеа да се сонуваат
и замислат
и смислат
и раскажат
и доживеат.
И сите нестварни
и сите стварни соништа
кои еден можеше да ги сонува
и да ги доживее
и да ги преживее
и поради нив да оживее.
Прозорецот полн со сништа
сместен во одајата на вториот кат
криеше илјадници приказни,
а приказната која Џозефина ја раскажуваше
беше неповторлива
и толку убава за да биде вистинска
и толку вистинска за да биде убава
и мамеше насмевки
и крадеше воздишки.
И те тераше да пуштиш солза
и да се воодушевиш и наежиш,
да доживееш катарза
после нејзиното слушање.
За да посакаш и ти да ја раскажуваш,
со свои зборови.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.