Вистината: Зошто постоиш како моја спротивност?
Лагата: Затоа што ти тогаш не би била вистина.
Вистината: Како ги манипулираш луѓето, и ги доведуваш во заблуда, ти си злобна!
Лагата: Викаат ми биле куси нозете, ама затоа јазикот ми е предолг!
Вистината: Браво што си признаваш. Но, нема да ти опростам за сите лажни надежи што си им ги дала кога јас сум била вистинското решение.
Лагата: Некогаш ти изгледа така. Ако си била вистинско решение немало да ме измислат мене!
Вистината: Навистина си се преценила. Како можеш да бидеш толку самоуверена кога само им ги отежнуваш животите!
Лагата: Некогаш им ги олеснувам. Не го заборавај тоа.
Вистината: Ајде кажи ми во кои случаи, те молам.
Лагата: Кога ти болиш. И кога е претешко да се соочат со тебе, полесно им е да ме повикаат мене.
Вистината: Колку и да болам, сакале или не, јас секогаш испливувам на површина.
Лагата: Тоа е точно. Но, јас можам да живеам долго, многу долго додека ти излезеш на копно.
Вистината: Тој период е кога луѓето се дават во тебе, а не бараат спас.
Лагата: Мислиш дека спасот е кога тебе ќе те откријат?
Вистината: Кога ќе ме прифатат. Макар била и најболна.
Лагата: Јас те прифаќам, но те маскирам и те преобразувам како што ми одговара мене.
Вистината: Затоа и те мразам. Затоа што создаваш сплетки.
Лагата: Без сплетките, многу оговарачи би останале без работа.
Вистината: Сега звучиш како мене. Почнуваш да ми се допаѓаш, ама пак те мразам.
Лагата: Не е точно дека ме мразиш. Денот не ја мрази ноќта затоа што му го краде сонцето.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.