Skip to content

Жена. Човек. Тишина

Во студена соба седам наземи и молчам
мојата кожа го памети тој нежен допир,
а сега душата почна да ми чемрее
и порој од солзи ненајавен блика,
сцената мрачна, пак се појави како слика.

Погледот негов ладен и остар како игла
крвта во вените во вишнова боја ми ја смрзна,
љубовта наша за миг престана да цути
и се стави точка без последно збогум
на молкот мој со погласен молк возврати.

Се наклепа со студ и меланхолија,
зимата продолжи и во лето,
ни неговото чекорење не беше исто
толку долго сонцето никогаш го немав чекано,
а од него ни трага, ни глас.

Секој сам своите маки си ги нарамува,
моите чиниш големи како најдолгата пруга
во темна верзија ги мешав со среќни спомени
без да знам дека главната супстанца ми фали,
а таа била скриена во мене.

Напишана за конкурс по повод  25 Ноември – Меѓународен ден за борба против насилство врз жените. Истата е дел од зборникот на „100 илјади поети за промена“.

Напишете коментар