Skip to content

Писмото на Буковски до човекот кој му помогнал да стане писател

Како и повеќето други славни автори кои некогаш имале обични работни места, и Чарлс Буковски работел на различни работни места пред да стане писател.

Во текот на неговите триесетти, тој станал поштар за американската пошта. И покрај тоа што подоцна тврдел дека нитуедна професија не може да ја ограничи страста и да застане на патот до вистинската креативност, тој се пронашол себеси задушен од работата. Кога стигнал до неговите четриесетти, тој се`уште бил поштар кој пишувал колумни за магазинот „Open City“ во неговото слободно време и соработувал во уште едно литературно списание со уште еден поет.

Во 1969 година, една година пред 50-от роденден на Буковски, тој го привлекол вниманието на Џон Мартин, издавачот на „Black Sparrow Press“ кој му понудил месечна стипендија од 100 долари за да се откаже од неговото работно место и целосно да се посвети на пишувањето. Буковски со задоволство се согласил. После две години, „Black Sparrow Press“ го објавил неговиот прв роман, насловен како „Пошта“.

После 17 години, во август 1986 година, Буковски го исправил првото писмо за благодарност до Џон.

12 август, 1986 година

Здраво Џон:

Ти благодарам за убавото писмо. Мислам дека е добро понекогаш човек да се сети од каде доаѓа. Ти ги знаеш местата од кадешто доаѓам јас. Дури и луѓето кои се обидуваат да пишуваат за тоа или да направат филмови за тоа, тие не успеваат да го направат тоа правилно. Тие тоа го нарекуваат „ од 9 до 5“. Никогаш не е „од 9 до 5“, не постои бесплатна пауза за ручек на овие места – всушност, на овие работни места нема ручек доколку човек сака да го задржи работното место. Тука е и прекувременото работно време, а доколку човек се жали за тоа, секогаш постои уште еден морон кој ќе го преземи твоето место.

Ти ја знаеш мојата стара поговорка „ропството никогаш не било укинато, туку е само проширено на сите раси“.

Она што боли е тоа што постојано се намалува човечноста на оние кои се борат да го задржат работното место кое не го сакаат, но стравуваат од алтернативно полошо работно место. Луѓето едноставно се испразнуваат. Тие се тела со страшно послушни умови. Бојата го напушта окото. Гласот станува грд. И телото. Косата. Ноктите. Чевлите. Се`.

Како млад човек не можев да поверувам дека луѓето можат да го дадат својот живот на тие услови. Како стар човек, се`уште не можам да поверувам. За што тие го правеле сето тоа? Секс? Телевизија? Автомобил на месечни рати? Или деца? Деца кои ќе ги прават истите работи кои ги правеле тие?

Претходно, кога бев доста млад и кога одев од една работа на друга, бев доволно глупав понекогаш да разговарам со моите колеги: „Еј, газдата може да дојде тука и секој момент да не` отпушти, туку онака, сфаќате?“

Тие само ме гледаа. Јас им претставував нешто што тие не сакаа да го примат во нивната глава.

Сега во индустријата, постојат огромни отпуштања. Илјадници се отпуштени, а нивните лица се зашеметени:

„Посветив 35 години…“

„Не е во ред…“

„Не знам што да правам…“

Тие никогаш не им плаќаат доволно на робовите – доволно за да останат живи и да се вратат на работа. Можев да го видам сето ова. Зошто тие не можеа? Сфатив дека клупата во паркот е доволно добра, исто како што е доволно добар еден пијаница.

Пишувам чувствувајќи одвратност кон сето тоа, и е големо олеснување што сето тоа го извадов од себе. И сега, кога сум тука, таканаречен професионален писател, после дадени 50 години, откривам дека постојат и други одвратни работи надвор од системот.

Се сеќавам, еднаш кога работев како пакувач во една компанија, еден од колегите одеднаш рече: „Никогаш нема да бидам слободен!“.

Еден од шефовите поминуваше во исто време и во истовреме гадно се насмеа, уживајќи во фактот што овој човек беше заробен во животот.

Среќата која ја имав да излезам од ваквите места, без разлика колку години поминаа, ми даде еден вид радост, весела радост на чудото. Сега пишувам со стар ум и старо тело, кога повеќето луѓе никогаш не размислувале да продолжат, меѓутоа затоа што почнав доцна, си должам на себеси да продолжам, и кога зборовите ќе започнат да попуштаат и кога ќе мора да ми се помогне да се качам по скали и кога нема да можам да правам разлика меѓу птица и спојувалка, се`уште чувствувам дека нешто во мене ќе се сеќава како сум поминал низ убиство и хаос, и како дојдов до најдарежливиот начин на смрт.

Достојно остварување е тоа што не бил залудно потрошен нечиј живот.

Твоето момче,

Хенк.

Извор.

Напишете коментар