На работ од времето – Моника Трајковска (рецензија)

Првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“ е мошне возбудлив и необичен, и несекојдневен роман кој дефинитивно ќе ви го задржи вниманието од првата до последната страница. „На работ од времето“ е супер книжевно парче за љубителите на научна фантастика. После прочитувањето на романот ќе ви се јави желба побрзо да дознаете што ќе се случува понатаму со главната протагонистка.

 

Новиот почеток односно совршениот свет од иднината кој е ослободен од сите несовршености, неизлечливи болести, криминал, војна, сиромаштија, Вероника мора да го запознае подобро. Во “затворот“ во кој е сместена целиот нејзин живот е изолирана од сите случувања околу неа. Таа потонува во нејзиниот свет читајќи книги и замислувајќи си ги работите кои никогаш ниту ги видела ниту ги доживеала. Причината поради која го напушта семејниот дом е доволна за кај неа да се разбуди чувството на страв од непознато. Но од друга страна за да ѝ се појави желба за да преживее и да се спаси. 

Животот на Вероника ќе се промени после пристигнувањето на едно место. Запознавањето со дел од тамошните жители, посебно со два лика што ќе ѝ помогнат несебично ќе им даде друга насока на настаните.
Нивниот однос ќе биде посебен, но дали работите ќе бидат какви што треба или ќе се случат многу непредвидливи настани?
Дали моќите на Вероника ќе ѝ помогнат во надминување на тешкотиите со кои ќе се соочува? 

Вероника е посебна, извонредна и необична во секоја смисла. Потрагата по нејзините родители ќе ѝ донесе нови сознанија кои ќе бидат новитети за неа и во кои нема да сака да верува. Клопчето ќе почне да се одмотува и таа ќе добива одговори на многу прашања. Дали постојат два паралелни универзума кои Вероника може да ги посетува или е во прашање нешто друго? Дали Вероника ќе ги открие вистините по кои трага, за кои не била свесна целиот нејзин живот?
Oстанува да ги проследиме нејзините следни авантури во следните продолженија на оваа научно-фантастична трилогија.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?