На денешен ден пред точно 4 години сум одлучила да го започнам блогов на сосема спонтан начин и без претходно да помислам дека блогирањето ќе си го сфатам толку сериозно, како еден вид обврска и место каде ќе можам да си ги запишувам своите мисли, идеи и сите работи што сметав дека вреди да бидат споделени таму.
На почетокот не објавував редовно додека не сфатив дека пишувањето освен што ќе ме ослободи и ќе ме инспирира, можеби ќе инспирира и некој друг, но и ќе остане зачувано некаде во сајбер просторот како некое сведоштво на годините поминати во пишување и посветеност кои ми донесоа само задоволство и душевно исполнување.
После тоа секако неизбезжни беа коментарите од луѓето околу мене кои имаа позитивни реакции севкупно, за среќа негативни коментари досега не дошле до мене ако воопшто постојат такви…
Без некоја посебно зацртана цел и каде ќе ме води сето ова патешествие наречено „блогирање“ освен со намера како што имам претходно напишано: искажување на став, мисли и литературни дела на едно место, стигнав до определен број на следачи (и на фејсбук страната и директно од WordPress) кои за среќа не се намалуваше туку нивниот број само растеше, и се надевам дека ќе стане поголем затоа што сметам дека литературните блогови кај нас треба да бидат речиси подеднакво популарни како што се модните блогови, ако не и повеќе од нив!
(Советот од поискусните и популарните блогери од странство е дека е потребно долго време за стекнувањето на доволен/голем број читатели кои ќе го ценат она што им се сервира на страната/блогот што ја следат. )
Поентата ми е дека ниту еден блог од било која категорија не е за потценување, но за да се стекне навика кај македонските корисници на интернет да посетуваат повеќе литературни блогови отколку други сајтови на пример потребно е време, постоење на повеќе такви блогови и нивна поддршка и споделување 🙂 Зошто го велам ова?
Од причина што кај нас, но ќе речам и глобално луѓето немаат навика на читање книги, литературни дела во толкава мера колку што би требало, но тоа се должи на повеќе фактори како немање време и многу дурги .
И поради таа причина, како алтернативен начин постојат блогови, но и книги во pdf формат кои можат да се читаат online, но секако постојат и audio books кои можат да се слушаат секаде и во секое време, и затоа сметам дека додека еден просечен човек дневно поминува по 4 часа на интернет во просек, пожелно би било да одвои барем половина час да разлиста низ содржините на некој литературен блог (јас го препорачувам мојот секако, покрај другите 🙂 ) за да се стекне со навика плус за читање, па можеби и ќе се најде инспириран, или ќе научи нешто ново.. Секако тука се вбројуваат уште многу други придобивки од читањето на литературни блогови, за кои ќе посветам цел текст во наредниот период.
Четири години со посветеност која некогаш беше поголема, а некогаш помала мора да се признае, но секогаш со задоволство и со уживање седнував да ги шарам страниците на блогов чијшто изглед беше повеќепати менуван и уште ќе се менува кон подобро секако, и пред почетокот на годинава го создадов логото (аматерски) кое би можело да се смени подоцна кога ќе дојде време.
Си пронајдов многу пропусти (но како што расте блогот, така и јас/ние со него), некои објави можеби од оваа перспектива не би биле објавени, но стојат како доказ колку напреднал мојот начин на изразување и како се менувал мојот стил на пишување.
Покрај тоа што четири години не се мал период, јас уште го совладувам најдобриот начин на водење на блогов, затоа што кога ќе прерасне во навика и кога ќе си го сфатиш како обврска и покрај фактот дека тоа го правиш без ниту еден зарбаотен денар, сфаќаш колку ти значи самото тоа и дека на крај ништо не било залудно.
Сите часови поминати во пишување, уредување, едитирање, потоа објавување и следењето колкав број на луѓе го отвориле да го прочитаат, притоа го споделиле или дури и оставиле коментар, навистина вредат.
Вредат и поради фактот што да не постоеше блогов немаше да настанат дури 4 книги од кои една во печатена верзија, а останатите 3 само во електронска форма кои учествуваат на конкурс (еве официјално на роденденов изјавувам дека ќе следи и нешто ново, сега веќе нешто поинакво, но ќе бидете известени подоцна сега е тек почеток) .
Да скратам приказната сега, зошто ме понесуваат емоции којзнае што ќе ви напишам 🙂
Како што кажав и погоре пропустите ќе бидат надополнети во вид на уште поголем ангажман околу средување на самиот изглед на блогот од функционален и естетски изглед, но мора да се подвлече дека блогирањето не е воопшто лесно дури и ако изгледа како такво.
И ќе го подновиме со нови содржини секако, мора да се спомне новоста која ја воведовме на крајот на 2016та година: Рецитирањето на македонски дела од македонски автори (досега читав само автори од постара генерација, но може да воведеме и читање рецитации од автори наши современици кои творат во денешно време), линк до категоријата каде може да се пронајдат сите досегашни рецитации: Македонска поезија, а секако ќе следуваат уште новости со текот на времето за кои ќе бидете известени навреме.
Овде не планирам да застанам/да застанеме, напротив после толку години имам уште поголем мотив да продолжам понатаму, со нови сили сега во години сме веќе како дете кое речиси ја научило азбуката и со нетрпение очекува да ги поврзува буквите и зборовите и да ги чита течно речениците.
Може уште многу да се напише, но се обидов во најкратки црти да го изнесам најважното за одбележување на денов.
И ќе заборавев, сосема непланирано и случајно блогов сум го креирала токму на ден кога се одбележува Светскиот ден на театарот: World Theatre Day, и само ќе речам дека се надевам дека барем дел од содржините кои ќе ги сретнете ќе предизвикаат слични чувства какви што театарската претстава предизвикува кај љубителите на театарот и глумата. 🙂 Затоа што нешто ми вели дека токму одбирањето на овој датум (сосема непланирано) сепак мора нешто да значи.
Како што забележувате во погорните редови некогаш пишував во множина, а тоа е поради тоа што имам „соработник“ кој повремено пишува, односно Ironlady314 уште еден автор, што може да се случи да напише 3 дела во годината, но нејзините објави се секогаш најчитани, па ѝ изразувам благодарност и нејзе и јавно ја поканувам да продолжи да објавува и почесто да ни пишува зошто знам дека сакате да ја читате 🙂
И вас ве поканувам да оставите во коментар што мислите дека треба оваа година да додадеме на блогот, кои содржини повеќе да ги покриваме, што би сакале најмногу да читате, можеби имате предлог за рецитации или било која друга идеја слободно можете да ја оставите во коментар. Ве очекувам!
И како за крај на ова роденденско обраќање ви должам благодарност на сите кои редовно ја отварате секоја објава (иако не се гледа поединечен идентитет), што споделувате за да можат и вашите пријатели да прочитаат нешто што сметате дека треба да биде прочитано, што го препорачувате блогот како корисно место за трошење на дел од времето поминато на интернет.
Продолжете така и нека ве има во поголем број!
Ако сметате дека воопшто блогов заслужува да биде признаен и оценет како корисен блог во македонскиот интернет простор, вашиот број ќе расте и така содржините ќе се зголемуваат, ќе има новости можеби и наградни игри, и многу други идеи кои ќе ги споделам со вас кога ќе сметам дека дошло време кога вие со вашата лојалност и следење сте докажале дека навистина вреди да се преземаат следни чекори.
Си честитам на себе за упорноста, посветеноста, одговорноста и трудот кои ги вложувам без да бидам надворшено мотивирана (парично или слично).
Сретнувам коментари и совети по различни сајтови дека во денешно време не би требало да се прави ништо што нема да ти донесе заработка, но ако таа ми беше целта ќе најдев поинаков начин на заработка повторно со пишување.
Мојата реплика на овие совети е дека:
додека го правиш со љубов тоа што го сакаш и си внатрешно мотивиран и тоа ти претставува душевно задоволство, продолжи да го правиш без разлика на последиците.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.