Денес решив да ги прочитам стиховите (неодамна што ги напишав) насловени „Аура“ за кои имаше доста позитивни реакции. Подолу на плеерот можете да слушнете. Пријатно слушање!
Во местото каде стоиш
се преплетуваат туѓите очи
со лакомост ти го впиваат ликот
чиниш си споменик
неподвижен,
недофатен,
грандиозен.
Носиш кокичиња во џебови
и раце полни безгранични светови
кои нудат прибежиште,
даруваат нежност,
мила,
свилена,
потребна.
Во местата каде одиш
се распостилаат твои траги
што ненамерно ги оставаш
со секое твое движење
природно,
грациозно,
ненаметливо.
Во глувата ноќ
те повикуваат во мислите
сакајќи да ти заспијат во коса
чиниш си приспивна песна
нежна,
тивка,
повторлива.
Во светла соба
се натпреваруваш со зраците од прозорот
кои се послаби од твојата аура
чиниш си духовен гуру
просветлувач,
спасител,
светлина.
Во самотијата на мигот
се бориш со неповиканите мисли
што знаат да параат уши
чиниш се гласна бука
ритмична,
хаотична,
неподнослива.
Во неочекуваниот лавиринт од темнини
се издигнуваш над нив,
или се претвораш во темнина
чиниш си мрак,
а ти тоа не си,
а можеби и си,
ти си светол мрак.
Во очите ти свети зрак
се огледуваат многу во нив,
со желба да се пронајдат себе
чиниш си огледало,
блескаво,
чисто,
јасно.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.