Плачењето се поврзува со тага, со чувства на болка, со патење, и со сето она од кое може да биде предизвикано. Меѓутоа, постои плачење и кога се јавуваат крајно спротивни чувства на погоре набројаните. Всушност можеме да плачеме и кога доживуваме екстремно чувство на среќа или сме премногу еуфорични поради нешто.
Оваа статија е наменета токму за плачењето додека читаме книга односно пливаме во океан од зборови кои имаат толку силно влијание врз нас и нашите емоции. При читање на таква книга едноставно солзите се неизбежни. (Но, не кај сите бидејќи не може кај секого една иста да предизвика солзи со ист интензитет).
Што се случува додека читаме книга, а тоа што е внатре успева да нѐ расплаче?
Да замислиме дека почнуваме да читаме книга од почеток, се сместуваме удобно, обезбедени сме со течност околу нас зошто дехидрацијата е многу важна, потоа можеби си пуштаме тивка музика на слушалки и се исклучуваме од реалноста.
Уште при првата прочитана реченица вие на одреден период се збогувате со сѐ околу вас, со вашите проблеми, со вашиот живот, со самите вас. И заборавате на сите обврски кои треба да ги направите затоа што ќе можат да почекаат доколку се одложливи додека не завршите минимум една глава.
Тоа е самиот почеток односно увертирата во тоа што следи потоа. Откако поминале првите два процеса: заземање положба со соодветни додатоци кои го прават читањето уште поубаво плус заборавањето на реалноста, следува третиот процес наречен: соживување со и внесување во ликовите на јунаците во делото чии карактеристики, изглед, движења, однесување, се речиси совршено претставени за полеснa визуелизација.
Висока емпатија и емоционално ослободување
Доколку вашата способност за емпатија е поголема, вие многу полесно ќе ги разберете постапките на сите ликови. Ќе можете да ги препознаете некои од нивните чувства во себе кои можеби претходно сте ги доживеале. А следствено на тоа доколку темата што ја читате во моментот допира длабоко во вас од било која причина, доколку има способност да предизвика силни емоции, а се работи за тажна приказна – вие ќе заплачете. И нема ништо лошо во тоа. Напротив, празнењето на емоциите додека читате или гледате филм/претстава покажува дека вие сте јака личност и имате способност да ги разберете другите.
После тоа вие се ослободувате емоционално, сте го преживеале настанот заедно со ликот со кој сте се соживеале (иако знаете дека сето тоа е измислено) и потоа ви станува полесно.
Интересно е што знаете дека тоа што го читате не е вистинско (дури и да е базирано на реален настан), свесни сте дека тоа не се случува во моментот, но не можете да ги запрете солзите колку и да се обидувате.
Уште поинтересно е што една книга може да го расплаче и оној што најтешко пушта солзи, за кој велат дека е „ладен како камен“.
Плачењето на книги/филмови не разликува машки или женски пол
И припадниците на двата полови можат да се расплачат доколку содржината е емотивна и ги допре на некаков начин, иако раширено е дека женските се поголеми плачки додека читаат книги или гледаат филмови. (Машки слободно расплачете се додека читате нешто трогателно или додека гледате филм заедно со девојка ви. Верувајте дека тоа не ве прави помалку припадници на машкиот пол, преслаби или бедни. Ниту ве прави поголемо женско од вашата девојка. Вие со тоа покажувате дека сте човек, дека имате срце и емоции кои некогаш и вас успеваат да ве совладаат, но и дека не се срамите поради тоа! Плус тоа некогаш има нешто привлечно во очите на расплакан маж).
Доколку една книга успее да те расплаче значи дека таа си ја завршила пола работа. Успеала да ги пробуди емоциите во тебе. Ако ги оценуваш повисоко книгите што предизвикале силни емоции кај тебе, слободно можеш да ја ставиш во листата на омилени. 🙂
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.