Skip to content

Зошто одбирам смелост или смелоста ме одбра мене?

Во моментов го доживувам токму тој порив да ги напишам овие редови, кои продираат длабоко во мене и врескаат да бидат ослободени…Додека зборовите се трудат да си го најдат нивниот вистински пат јас ќе го кажам главното што е поврзано со самиот наслов: зошто ја „одбрав“ смелоста или таа мене сеедно. Што всушност значи тоа да одбереш смелост? Прво, не може да се одбере како кога во супермаркетот од рафтот наместо сосот од кари го одбираме доматниот. Второ процесот на самото нејзино стекнување е долготраен.

Смелоста како карактеристика или особина на еден зборува многу за него. Затоа што насловот ми е во прво лице, ќе продолжам да зборувам во таа насока. Кога би одлучувала која придавка меѓу другите би ме опишала, смелоста е таа која ми паѓа прва на памет.

Од наједноставните избори како на пример која паста за заби ќе ја користиме следно или кои алишта ќе ги облечеме следното утро до многу посложени и животно важни избори кои многупати знаат да нѐ измачуваат. Некои избори со поголема одговорност се моќни да ни предизвикаат несоници, но ние со помош на тоа учиме многу. Учиме кои избори ни биле погрешни, а кои биле правилни Од тие погрешните учиме, а правилните ни носат позитивни исходи. Некогаш правиме и повеќе од еден погрешен избор, но и таквите нѐ водат до правилниот пат доколку не се откажеме!

Ги одбрав овие најпрости примери за да можам сликовито да ги поткрепам зборовите. И кога сме кај тоа зошто ја одбрав смелоста, конечно ќе кажам и признам дека ми беа потребни многу години за прво да ја стекнам, а потоа да ја негувам. Сѐ уште не сум смела колку што мислам дека би можела да бидам. Процес кој се стекнува со годините, во животното школо. Долготрајно патување кое никогаш не завршува. Целосно смели може да бидеме само ако го правиме она што нѐ плаши. Кога и покрај стравот ние се впуштаме во нешто, значи сме ја победиле смелоста.

Со текот на годините и искуството кое се стекнува како што поминуваат деновите, месеците, сфаќате дека вие станувате поинаков човек. Од минута во минута ние се менуваме, како што се менува и времето во текот на еден ден. Денес на пример, времето е тмурно, облачно, ладно. Во никој случај не те повикува да излезеш надвор и да уживаш во него затоа што му фали сонце. Потоа малку заврна, па се расчистија облаците и сега повторно е облачно. Мојата смелост со годините растеше на сличен начин како примерот со времето. Во еден момент ја имав, потоа знаеше да исчезне во клучни моменти. Некогаш се појавуваше прекасно, а некогаш ја имав во доволна мера и пак не ја користев.

Сега повеќе не е така, затоа велам дека луѓето се менуваат. Со сигурност го тврдам тоа. Ако некогаш бев тотална спротивност од „смела“, денес тоа не е така. Сега научив дека смелоста не смее да биде изгубена, не за џабе ме одбрала.  🙂

Сега научив дека смелоста е секогаш во мене дури и кога мислам дека ја немам. Еве ќе ви кажам пример: од моментот кога одлучив да го водам блогов, следено со сите одлуки кои ги донесов после тоа до денешен ден кога после 4 години уште го правам истото сфатив дека смелоста кај мене само растела. Секој треба да си го најде изворот на внатрешно задоволство, својата пасија, нешто кое ќе го поткрева и ќе го прави тоа со уживање. За да може да ја јакне првенствено својата личност, а со тоа и сите одлики, карактеристики, особини, црти и останати компоненти кои ја комплетираат сликата за здрава личност и нејзин нагорен развој.

Не се плашам од негативна критика, не се плашам да бидам „оценувана“ и поради тие причини не се откажувам. Негативните коментари можат да се искористат во позитивна насока, ако знаеш како. Смелоста изгледа дека правопропорционално е поврзана и со самодовербата. Колку е твојата самодоверба повисока, толку стануваш посмел. Зошто? Бидејќи кога имаш самодоверба не ти е грижа што ќе речат другите. Самодовербата е тивка, несигурностите се гласни.

Треба да бидеме сигурни во себе и во тоа што сме одлучиле дека ќе го правиме и доволно храбри да се соочиме со сите препреки кои ќе се појават.

Смелоста ги одбира храбрите и оние кои одлучуваат истата да ја користат во позитивни насоки. Одбирам да бидам и останам смела, затоа што и смелоста ме одбира мене.

Напишете коментар