Skip to content

Измачувачки прашања (20)

Почна да размислува уште колку време има до крајот на ова второ патување и која беше поентата да се среќава со толку различни луѓе на различни места, и зошто можеше да биде невидлив?
Во договорот стоеше дека патувањата ќе бидат непредвидливи, изненадувачки и напорни, но никаде не беа спомнати овие подробности кои го измачуваа. Од друга страна знаеше дека ова е само еден експеримент и дека за брзо ќе заврши, но толку се соживеа со улогата на човек што му паѓаше тешко кога ќе предизвикаше збунетост или зачуденост кај луѓето кои ги среќаваше.
Почна да размислува како се снаоѓаат Детето и градинарот, но беше убеден дека ќе се согласуваат добро со оглед дека премалку ја познаваше човечката природа.
Потоа помисли до кога ќе биде вака со исчезнувањето и појавувањето на одредена локација, и се прашуваше кога ќе му стигне порака во вид на насока за да ги дознае информациите околу завршувањето на експериментот и кои се следните негови чекори зошто досега беше оставен сам на себе.

Мислеше дека ќе треба некаде да преноќи зошто ноќта веќе беше спуштена, градот беше празен, а времето не беше погодно за да може да преспие на отворено иако и тоа немаше тешко да му падне.
Во моментот кога одлучи дека ќе проба да најде некој хостел во близина повторно кивна и одеднаш се појави во ходникот од еден старски дом.
Се изненади што овој пат не е повеќе на отворено со оглед што претходните „прелетувања“ му беа такви.
Сега повторно му се појави чувството на ново и почна да размислува како ќе се снајде во домот. Прво помисли дека треба да се пријави на рецепција, но што ќе им кажеше? „Извинете, но јас кивнав и по случаен пат долетав тука кај вас, ќе може да преноќам иако не сте хотел?“ или „Извинете, јас случајно дојдов кај вас зошто нема каде да одам и ве замолувам да ми дадете еден кревет во некоја од собите, кревет до креветот на некој дедо“.
Во двата случаи не виде надеж дека ќе биде сфатен сериозно, па почна да смислува начин како да остане тука и да преноќи, кога веќе дошол.
Претпоставуваше и дека сигурно има причина што пристигна тука.

Се движеше низ ходникот со намера да пронајде некого.
Од една од собите излезе една негувателка и го забележа.
„Извинете, ќе може да поразговараме“?, ѝ се обрати Ветерот.
Негувателката кога го погледна му рече: „Вие нов сте тука? Првпат ве гледам, а досега не сум ве сретнала во ниедна од собите.“
„Дали ќе може да ме однесете кај управникот? Треба да разговараме.“, праша Ветерот.
„Следете ме“, му рече негувателката.
Кога пристигнаа на вториот кат пред вратата на управникот Ветерот сфати дека нема идеја што би му рекол, но сега веќе немаше назад.
Немаше време за да ги преправа работите, ниту да смислува говор.
Се фати за орото и не смееше да се пушти.

Тропнаа на вратата и влегоа двајцата. Негувателката му рече на управникот: „Човекот ме замоли да го донесам кај вас, вели дека сакал да разговара со вас“.
„Повелете седнете“, управникот му се обрати на Ветерот.
Во тој момент во канцеларијата влезе уште една негувателка носејќи некое писмо во рацете и му го подаде на управникот.
Тој го зеде и виде дека мора итно да го прочита. Писмото пристигна баш во вистинско време, исто како што такси колите пристигнуваат во филмските сцени баш точно на време кога се потребни.
Писмото беше испратено од член од тимот експериментатори кои бараат Ветерот да престојува кај нив одреден период и дека тие ќе ги покријат сите трошоци. Не им беше спомнато за експериментот секако, во писмото беа претставени како фамилија на Ветерот кој наводно изјавил дека сака да престојува во старечки дом, па тие му ја исполнуваат желбата.

Ветерот иако не изгледаше за толку стар, имаше доволно години за да може да биде примен.
Откако го прочита писмото, управникот одма одреди во која соба ќе биде сместен и им нареди да му ја дадат најубаво опремената соба со најубавиот поглед и со најмодерниот мебел.
Тоа се должеше на високата сума што фамилијата на Ветерот беше спремна да ја плати, само за да го примат и тој да ги има сите најдобри третмани.

„Добро дојдовте во нашиот дом, господине! Утре ќе ни ги достават вашите документи, но сега за да ве заведам ве молам кажете ми име и презиме“, му рече управникот.
„Зефир Венти“, му рече Ветерот. Името беше смислено од претходно со договор со тимот, кое беше верзија од име на еден благ ветер заштитник на билките, додека презимето беше латинското име за ветер.
„Имајте пријатен престој во нашата установа, се надевам дека тука ќе стекнете многу нови пријателства“, му рече управникот на Ветерот или на Зефир Венти.

Патувањата на големиот Ветер (корица1)

Напишете коментар