Книга која ја издвојуваме за овој месец е „Мемоарите на една гејша“ од Артур Голден.
Првпат ја прочитав пред некои 4 години и ми се допадна. Не најдов време за да ја препрочитам одново и да се потсетам уште еднаш на содржината, но паметам дека имаше интересна содржина која не те остава раат додека не видиш што ќе се случува следно. Различна култура од нашата, и сето останато испреплетено во страниците кои ветуваат забавно поминување на времето додека ги читате.
Делумно историски роман, делумно бајка, делумно романса, ова не е само роман полн со добродушни портрети на жени, туку и вешто набљудувана слика на еден необичен, и во голема мера, исчезнат свет. Во ист миг ни се откриваат сјајот и бедата на еден далечен свет, темелите врз кои тој е изграден, сфаќањата и вредностите на една култура. Во тој утврден систем, се одвива една индивидуална судбина, животот на едно човечко суштество чии желби, радости, и таги, забранета љубов и страдање се борат со санкциите и ограничувањата; и во таа неизвесна битка, гејшата Сајури настојува да го осмисли сопственото постоење, да ја достигне сопствената среќа. Толку далечна, а сепак толку блиска и дофатлива приказна. – пишува на задната корица.
За восхит.., Дело што ви го одзема здивот… Постепено ќе сфатите дека со своите мајсторски вештини, гејшата ќе ве натера да се чувствувате исто како нејзините муштери – гладни за нејзината приказна. – пишува Вашингтон пост
На вас останува доколку не сте ја прочитале, да ја прочитате и да стекнете сопствени впечатоци. Ние топло ја препорачуваме.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.