Се стесни видикот.
Темна магла денот го облече.
Прав од невидливост
насекаде се шири.
Испаруваме некаде
во универзумот.
Реа од гнасен чад завладеа,
а ти водиш борба со воздухот.
Зрно прашина
е поголемо од тебе,
му се плашиш на отровот
што го испушта расчадениот оџак.
Во себе погледнуваш,
самиот не можеш да се видиш,
стануваш едно со дишењето
и се претвораш во огледало.
Исчезна краткиот миг
на благосостојба,
се јави немирот
како Демон што демнее,
додека не се претвори во прав
и замине во бескрајот.
Се затемни облакот,
а ново сонце во друга надеж ќе се роди
и ќе се препороди.
Ангелите танцуваа над црните облаци
испуштајќи само по една солза
од секое око.
Густите памукчиња се напија од солзите
очекувајќи го дождот.
Белодробните крила заробени во кафез
молеа за спас.
Исчезнуваше и кислородот
заедно со слободата.
Исчезна мирот
кога ја снема чистината.
Ќе исчезне и прашината
штом победи белината.
Исчезнуваме претворајќи се
во прашинки.
Исчезнуваме во просторот
како птица далечна
што се губи од видикот.
Исчезнуваме како капка дожд
што паѓа во езеро,
како снегулка што се топи во рака,
како сенка кога сонце ќе снема.
Исчезнавме без да знаеме.
И со чезнеење за подобро утре
не престанавме.
Зошто ние ќе се сториме прашинки,
но песната никогаш нема да исчезне.
Таа ќе биде Преминот од сегашност
во Вечноста.
*Стиховите се дел од Зборник поезијата во која се застапени песни од членовите на Школа за поезија – Делегација Македонија :
Зборник поезија
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.