Skip to content

Дозволив да бидам заведена од убавината на месечината за да ја заборавам топлината на сонцето, mea culpa. Знаев дека по патот ќе наидам на безброј камчиња кои сопнуваат, а сепак облеков штикли, mea culpa.
Никогаш не се ставав себеси во преден план дозволувајќи другите да го диктираат моето расположение, mea culpa.
Му се радував на дождот како мало дете што му се радува на чоколадото без да помислам на сушата, mea culpa.


Со нетрпение чекав да помине времето за да одам на патување, а не помислував колку е скапоцена секоја помината минута која нема да се врати назад, mea culpa.
Очајно жалев за минатото, за работите кои не можев да ги поправам сакав да постои временска машина за да можам да отпатувам во одредена година, време и место и сè да биде поинаку, mea culpa.
Сакав да бидам посреќна без да ги исфрлам токсичните нешта околу мене, mea culpa. Си велев дека некои работи ќе се сменат и без да се промени нешто, дека може да биде поинаку, а се правев дека не знам дека промената почнува од и во мене, mea culpa.

Длабочината на морето ме залажуваше правејќи да се чувствувам супериорно кога не го допирам дното без да помислам дека можам да се најдам во опасност при најмала грешка, mea culpa.
Изгрејсонцето го почитував, но не му се воодушевував како на зајдисонцето затоа што второто ми беше поромантично, mea culpa.
Ги обожавав шарените страници во детските списанија исто како што сега ги обожавам белите листови што се испишани со црни бувки, но заборавив да го пробудам детето во себе, mea culpa.


Ги исклучив светлата и запалив свеќи, помислив како може да ти недостига некој кој не го цени доволно времето поминато со тебе, mea culpa.
Оставав траги секаде каде што ќе појдев, но заборавав дека јас сум побогата со нови искуства од секое ново посетено место, mea culpa.
Туѓите солзи ме болеа како да се мои, додека моите солзи ги криев од секого и ги спречував со насмевка, а тоа било токсично, mea culpa. Се радував на туѓите успеси повеќе отколку на сопствените, а кога бев успешна малкумина се радуваа за мене, mea culpa.

Сушав музика без да ја разберам, без да навлезам во нејзината длабочина, mea culpa.
Ги слушав постарите и се воодушевував на нивната мудрост тажејќи дека не им останува уште многу време без да помислам дека би била пресреќна да бидам на нивно место, mea culpa. Ги гледав децата како весело си трчкаат во паркот и се занимаваат со нивните детски игри и посакав пак да бидам дете без да помислам дека можам да го вратам детето во мене кога и да посакам, mea culpa.

Чекорев како да ми натежнале сите проблеми на светов и како да ми потонале сите бродови без да сфатам колку всушност сум имала среќа, mea culpa.
Потоа чекорев како да сум најбезгрижната личност на светот и како да нема утре, без да ја почувствувам својата тага која ме демне навечер пред спиење, mea culpa.
Се грижев како ќе изгледам во новото фустанче без да помислам дека некој никогаш повеќе нема да може да облече фустан, mea culpa.

Се плашев од стареење како да не знаев колку посакувам еден ден да им раскажувам приказни на купот внуци, mea culpa.
Се плашев од откажувања, посебно од откажување од луѓе зошто мислев дека тоа е најтешката работа на светот, mea culpa.
Се растажував на разделби и душата ми се корнеше при секое испраќање пред да сфатам дека секој си има свој пат по кој мора сам да чекори, mea culpa.
Се смеев и плачев, болеше, но жива сум.
За тоа што живеам и што го сакам животот, нема да речам mea culpa.

Meaculpa-1

Напишете коментар