Се мислев најубава и со истегнато лице во ширина, неухранета, со изразена клучна коска, мислиш сите токсини од телото ми излегле низ усната празнина. Секоја трошка што се провлекуваше низ моите црева беше голем грев, а секое молење за пообемна исхрана, според токсиниве околу мене беше прекор. И патем, тоа не беа токсините исфрлени од моето тело. Тоа се токсините кои струјат постојано, како воздухов во гласните жици. И денес струјат, како вериги, ама не ми довикуваат да јадам повеќе. Нивната музика ја сменила композицијата. Па, што ми е битно? Нели не ги слушав сопствените „жици” кога ме молеа за храна?
Еве, и денес ги слушам пестицидиве, одѕвонуваат во голем ек и се движат, се придвижуваат, ме довикуваат, ми се восхитуваат, па ќе ги снема. И таман мирно си се препуштил на попладневната дремка – се појавуваат. Ама што ми е битно? Кога одговарам со прашална интонација, се убедувам за она кое сакам да го правам. Сакам да не ми е гајле, да не допира нивната музика до мене, било да се на растојание пет до шест метри или го споменуваат моето име во космосот. Обично, основата на функцијата е во името или името е дадено во содржината. Како може нешто толку труло да е полезно? И не може, затоа ве прашувам.
Денес немам истегнато лице, токсините се вратиле кај сопственикот, собирајќи сѐ негативно од екстрацелуларниов дел на организмов. Се навикнав на симфонии и кинење жици. А, сѐ што сакав беше да не ја слушам музиката, „не ми требаат мене мајстори, што ќе ми се, поправајте си ги вашите инструмемти”, велев. Создадов свои стандарди и денес се ужаснувам од глетката на моделот некогаш. Ништо не може да убие освен мисла и острина од зеница, па како живеам? Ерозија и ситни делчиња на живот. Што ќе ми се? Земете ги, ви велам. И тогаш навистина не слушнав ништо, ни нота. Никој не ги сака делчињата, сите сакаат пустош.
Тоа не е законитост, тоа не е морал. Создаваш и рушиш не е принцип. Можам и јас да извајам што сакам, од восочна фигура на Аполон до некој друг словенски бог што не постои, па и сама ќе креирам нов, во 21 век! Сама ќе сум Бог! Можеш ли да ја сопреш инерцијата? Не, тоа е природна појава. А, можеш ентузијазмот само затоа што не го гледаш? Најлесно е, се согласувам. „Па ти не уриваш зграда…” – ќе ми речеш. А, кој е создателот на зградата? Ах, пестициди, ќе си прошепнам понекогаш.
А.Н