Skip to content

Ангелите вечераат – Радован Павловски

I
Топлината на раскрсница
не одбира патишта
Таа ги пресоздава
На колена
две-три чинии вода
Збунуваат капки
и гласови од небото
Зобницата на гладот на клин
Окото на водата
и окото на пливачот
се среќаваат во полноќ.

II

Не се знае
дали живи
или воскреснати
ангелите вечераат.
Свеќа потрајна од сонцето запалиле
Вечерното сонце е сад
од кој земаат храна
Денот на работ од окото
веќе ја прескокнал
ноќта на телото
Ангелите се гладни.

Напишете коментар