Литература Македонска поезија Поезија

Развенчување – Радован Павловски

 

Мајка ми мајчински ме вика од ридот

Мојот дух не е пчела да ме вратиш од невремето

во градот

Јас сум презафатен од прекројување на

просторите

Телото е повредено – душата во љубовта

пофалена и јас на мртвите

им проштевам за лошите дела

Лику мој со боја на темјанушка каде пловиме

Што да се прави во ова време разјадено од

преголеми познанства

што сочинуваат синџир од годините во

прогонство меѓу ближните

Облаци.

Векот трча по облека од театрите и

националните музеи

Навистина, јас имам право да одам гол

и за време дождот да држам говори за причините

на сите бродоломи

Знам дека никој не може подобро од мене да ја чуе

музиката од подвижни пустини

Во вртењето на Вселената се слушаат

биењето на срцето

и нашите бајки

Јас ја слејувам душата со ветровите

што ме носат во предели непознати за вашата душа

Самоубијците се убиваат со желба

да им се позлатат спомениците,

а тоа е тажно и боли како раѓање

Да ги обноват сите чула, но

молчеливи со помош на свеќа ѝ се враќаат на

светлината

Уште малку воздивнување и јас би ја изгубил

слободата

Однесен од ветровите како јоргован во витлите

на езерото

Што ми можете вие невидливи богови

освен да ми здодевате со својот пород од воздишки

освен да ми ја крадете земјата од под нозе

Нарцисите нека одат по ѓаволите

И земјиштето што ги храни нарцисите нека

оди по ѓаволите

Немам никаква врска со оние што ме проколнаа

Поет – беспризорна вечност на просторите

Истовремено постојам насекаде расфрлан

како ветер

Не можам да постојам меѓу сè она што го опевам

Имам некаква врска со демоните

И уште две три неопеани места на мојава душа

со кои ќе скитам по светот

Зошто сум јас виновен

што е раѓањето на песната рамно на

возбудено море

Оној што ќе го издржи заморот

ќе ја сфати песната и ќе молчи

Низ камена дулбија гледам како ми се

приближува море

На крајот награден сум од допир со убавина

И што може да каже една моја солза пред морето

освен воодушевување од течностите

броење на брановите во себе како запци на чешел

Значи јас сум напуштен од вас како небото во

кое гледате

Значи јас сум прогонет

Значи јас прославувам

Чаша горчлив пијалак оставам на раскрсницата

Исчезнувања среќен пат и оставете ме сам

Станав подвижно засолниште на прогонети

убавини

Јас знам секоја ѕвезда да ја разглобам

на своите светлосни атоми минути

и пак со бакнеж да ја запечатам

Мојата огнена земја од стопени прстења и

камбани

на дланки би ја пренесол да биде брег на Океанот

над кој се вее

моето шалче од виножито.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје