Велат дека птиците одлетуваат на југ
Кога немало доволно сонце да ги топли нивните крилја.
Велат дека небото се отвора секогаш ден пред празник
За да ги стопли нашите срца.
Темнината тогаш светлосно се прозрачува
И топлината добива темен сјај
Кој го спознаваме само ние.
Ние кои гледаме кон небесата
Секогаш кога се наближуваат големите празници
Ние кои знаеме дека и во темнината има светлина
Ние кои живееме и од само еден светлосен зрак
Ние кои се топлиме и на ладното сонце.
Ние не сме птици преселници
Ние не можеме да одлетаме на југ
Каде Сонцето ќе може да ги стопли нашите крилја
Каде светлината се крие во секое утро кое
Се буди со неговата топлина,
Ние сме патници кои никогаш не патуваат надвор од границите
Ние можеме да живееме и без топлината на Сонцето,
Кое се крие,толку тивко и незабележително
И не можеме да го најдеме на ниту едно место
во материјата на просторот
Ние ја носиме топлината на летните утра
Во нашите срца
Таа останала таму
За да го распламтува секое ново
Неприметно издишување
Во ладовината на воздухот.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.