Skip to content

Оправдан сомнеж – Симеон Јанков

Оваа топла августовска вечер, додека лежам со мижурлив поглед кон ѕидот до нашиот брачен кревет, гушејќи се во пот, решив конечно да ги испитам на сомнежите дека Маја ме изневерува. Ќе го излажам шефот дека не ми е добро, порано ќе излезам и ќе проверам зошто толку доцни од работа. А доцни, катастрофално доцни, нема ни да ми поверувате кога ќе ви кажам колку многу доцни, но ќе се сложите дека мораме барем да пробаме да си го зачуваме бракот заради нашата Сања, нашето сонце, нашата тригодишна ќеркичка.

Не смееме да правиме сцени, мораме да разговараме сталожено, мораме… И токму кога добив огромна желба да ве убедам колку сум во право, ѕидовите почнаа да белеат во мракот, најпрвин срамежливо, во мали крукчиња, а потоа многу подрско, се разоблачуваа, потсетуваа на изнастрижена овча волна, мокра и реава, од што добив силен порив да протестирам дека ми е нарушен личниот простор, но магла густа како смола ја голтна собата, а со неа и мене. Заспав конечно. Утредента го спроведов испланираното. Ги ставив очилата за сонце, сламениот шешир што го купив ланското лето, се затскрив зад столбот со совршен поглед и згора на тоа, зад весникот што демек го читав како во шпионски филм. Одлично се маскирав!

Таа излезе од банката во која работеше, насмеана, со лелеава црна коса, елегантна кошула со куси ракави и панталони според ланската мода. Невкусно тесни за мој вкус! Чекореше низ плоштадот, уверена, ведра и погледнувајќи ноншалантно во излогот на книжарницата, ги забрза високите штиклички кон главната улица. Премногу секси за вака да оди на работа! Чекорев забревтан од возбуда (ме возбуди сексуално, признавам), несетно сè повеќе ѝ се приближував, со желба да ја сопрам и да ја прашам што се случува со нас. А таа застана на семафорот, мавна со раката, една голема сина кола застана, возачот, полничок и висок, ја отвори вратата и таа седна внатре. Заминаа. Кој знае кога ќе се врати! Каква мајка е таа? Сиот вцрвенет од нервоза, со усни бледи како смрт, решително се упатив кај нашите кумови.

Тие нè венчаа, тие нека се вмешаат и сега. Елена и Виктор ме пречекаа со некоја чудна љубезност и кога ми понудија сок и кафе, се погледнаа за миг, онака простум до кујнската врата, но тој кус, таинствен поглед зборуваше дека знаат нешто. Диме, нивниот десетгодишен син, помина крај мене без поздрав и збор и, како да виде дух, се затвори во својата соба. Кога седнавме им ја објаснив ситуацијата, вака и вака, Маја се гледа со некого, ме изневерува. Тие потполно неизненадени, ме погледнаа попреку, и презирливо и сожалувачки во исто време.

„Не може да те изневерува“, рече Елена, упорно нишајќи со главата, небаре така ќе ги сокриеше солзите што ѝ навреа.

Виктор едвај чекаше да ја надополни: „Да, веќе пет месеци. И самиот знаеш. Онаа страшна сообраќајка…“

„Сите се испотресовме. Огромна трагедија. Но треба да ја прифатиш реалноста. Ја нема, не може да те изневерува. Ти беше верна до крај. Се сеќаваш на она, сè додека смртта не ве раздели…“ Елена го изговори ова со необично ледено спокојство.

Јас пламнав: „Е, не нè раздели! Во тоа е работата!“ Ги продрев со очите, гневен, разочаран, стаписан од елементарното неразбирање од нивна страна, станав и без довидување ја треснав вратата.

Кога бев близу до дома, јасно ги чув нивните гласови.

„Кутриот, никако да се помири дека и тој загина со неа“, рече со шепот Виктор.

„Барем Сања не беше со нив во колата“, утешно заклучи Елена. „Кога веќе еднаш ќе престане да доаѓа. Ова станува глупаво! Време е да сфати дека е мртов“.

Можам да ги чујам на километар! Слушам гласови! Шизофренични се и двајцата. Да, јас ги слушам, ама тие се шизофренични, и тоа како! Какви лудаци имаме за кумови! Ех, Маја, што сме згрешиле? Маја, душо, зошто доцниш? Катастрофално доцниш. Веќе пет месеци не си дошла дома!

Доближувајќи се до влезот, го забележав оној ист гнасен оглас од вчера! Се изнајмува станот бр. 7. Нашиот стан! Телефон за контакт, телефонот на брат ми. Пак го искинав листот, го стуткав и го згмечив под нозе. Кој му дава право на тој мој отуѓен, предавнички брат да лепи огласи во мое име? Го буцка жена му, знам. И со кое право нашата ќеркичка, нашата Сањичка, веќе пет месеци живее кај нив?!

Автор: Симеон Јанков

Напишете коментар