Skip to content

Неверување – Дејан Крстески

  • by

Не се умира одеднаш. Умирањето понекогаш трае прекратко, понекогаш предолго. Телото почнува да умира тогаш кога душата се предава.
Поетите го опишуваат со пеперутка која одлетува од внатрешноста на човекот. Истражувачите го опишуваат како ослободување на енергија, а психолозите го изедначуваат со губење на надежта. Обичниот човек тоа го нарекува секојдневие. Отсуството на возбуда која се влече праволиниски.
И храната заситува, ама не е вкусна повеќе.
Луѓето велат дека тоа што не може да те убие, те прави посилен. Неточно. Тоа што не може да те убие те прави само почуден.

Пораснав во мал град на другата страна од светот, таму каде што луѓето сè уште веруваа. Воопшто не беше важно во што веруваат. Едноставно си ја задоволуваа својата потреба да се предадат на туѓата вистина и волја. Беа спремни да живеат во лага, но не и да неверуваат. Јас не бев како нив. Зборовите натежнати од можности за мене беа само утопија. Моите родители први ја забележаа недовербата кoја растеше во мене. Тоа беше најтажниот ден во нивниот живот. Го криеа од другите луѓе моето неверување како да е најголем грев. Ги паметам зборовите на татко ми кои ми ги кажа тој ден:

„Ти си болен. Заслужуваш да те пикнат во лудница…„.

Имав среќа што не му поверував. На крајот на краиштата јас бев оној кој избра да не верува. Сепак, во мене се разбуди трошка сомнеж. Можеби имаше право. Можеби јас навистина бев болен човек. Несвесно, но сепак се случи моментот кога моето тело почна да умира. Кога ги слушнав неговите зборови се преправав дека не го слушам. Не се спротивставив. Од моментот кога беа изречени секое утро ме будат од сон. Никогаш повторно, освен тој ден, не зборувавме за мојата склоност да не верувам.
Морав да заминам за да си ја пронајдам среќата.

На другата страна од светот сретнав луѓе слични на мене. Бев среќен за момент, иако одсекогаш знаев… осаменоста беше мојата сенка која ме следеше и ден и ноќ. Повторно бев тажен. Нешто недостасуваше на таа страна од светот.
Тогаш сфатив, верувањето е потребно за да преживееме, иако на крајот од краиштата сите умираме. Глупава поента, но без верувањето исто како да сме без себеси. Празни одвнатре и со сонлив изглед однадвор.
Сепак неверувањето се раѓаше одново и одново во страв и закочен мисловен процес.

Мачнина со која се научив да живеам. Пикање на јазикот во сопствената празнина, а таму повторно, ништо. Живо месо, кое полека умира и копнее да заврши ова бдеење наречено живот. Со една единствена цел – да се себеспознаам. Не, нема во мене ништо. Нема безусловна љубов и потреба за простување како трампа за избавување од гревот. Очи и поглед со висока резолуција, но попусто. Осиромашена перцепција.
Емоции како влог на очекувањата. Такви сме. Оштетени и неспособни да љубиме. Неизлечиво болни. Времето стои за нас.

Не постои такво место, толку далечно и темно, каде што ме чека мојот замислен рај. Ова е мојот пекол. Умирањето понекогаш е предолг процес. Не се случува преку ноќ.

Автор: Дејан Крстески

Напишете коментар