Снежни ангели – Стела

Почитуван читателу, раскажувам за едно време кога улиците беа исполнети со насмеани лица,  а детската врева се слушаше насекаде.
Беше неколку дена пред новата година, ден кој иако е обичен како и секој друг, го чекавме со радост, грст желби и надеж дека ќе ни се исполнат замислите и ќе ни се остварат мечтите.
Врнеше снег. Излегов на една кратка прошетка да ја почувствувам атмосферата во градот, да се радувам на снегулките како некогаш кога бев мала, да го сретнам детето што го подзаборавив длабоко во себе и веќе ми недостасуваше.
Градот беше убаво украсен. Блескаше сè и насекаде. Волшебно! Јас бликав од радост, задоволството не го криев, навистина бев среќна или едноставно му дозволив на детето во мене да се радува.
Вниманието ми го оттргна една група деца кои беа гласни во својата игра со снежни топки. Застанав да ги гледам. Наоблечени во топла облека, капчиња, шалчиња, ракавици, паѓаа, стануваа, се смееја.
Меѓу нив, едно дете имаше празен и тажен поглед. Стоеше повлечено, отсутно, замислено.
Го прашав како се вика.
– Драган – ми рече.
– Зошто не си играш? Зошто си тажен? Да не те боли нешто?  – продолжив загрижено да го распрашувам.
Ја поднаведна главата и потоа срамеживо ми ја покажа раката. Имаше само две прстиња.
– Минатата година изгубив три прсти додека со другарчињата пукавме петарди. Сега не можам да правам снежни топки. – рече тажно додека се обидуваше да си ги задржи солзите.
– Оооо – реков и силно го гушнав, зашто не знаев што друго можам да кажам.
– Ќе има уште многу игри и многу среќа за тебе, не грижи се – му реков иако знаев дека ниеден збор нема да ја совлада неговата тага.
– А, сега можеш да им кажуваш на сите другарчиња колку е опасна играта со петарди и да не дозволиш на никој друг тоа да му се случи. Биди ти нивниот чувар, како постаро братче кое секогаш ќе ги штити од невнимателните игри.
Додека размислував за последците на нашите грешки, забележав дека снегот веќе имаше направено дебела и мека постела.
Тогаш добив една идеја.
– Ајде да правиме снежни ангели! – му реков и легнав во снегот да направам печат.
Колебливо ми се придружи. Нѐ забележаа и другите деца, нѐ обиколија и за кратко време имаше десетина снежни ангели на земјата. Кога се виде Драган опкружен од своите другарчиња, му светнаа очињата и конечно се насмевна.  
Си тргнав да си одам дома, размислувајќи за детската радост, човечката болка, немирниот човечки дух, неизвесноста и изненадувањата на животот, а пред очите ми беше сликата на снежните ангели.
Од далечините се слушаа петарди.

Автор: Стела

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели