Затвори ги тие прекрасни очи,
Цврсто замижи и почувствувај ја
во себе тишината…
Само едно исто место, нели?…
Само тие исти звуци од таа соба,
само тие исти шумолења на паднатите лисја,
оддалечени неколку чекори од твоето видно поле.
А, ти повторно замислен, разочаран
опседнат со тие тешки црни мисли.
Знам, не те испуштаат од раце…
тивко, но полека те гушат,
а ти не попушташ.
Дозволете, барем за миг
да побегнам од реалноста,
длабоко да се внесам во нишките
на фантазијата, измислените приказни,
бескрајната љубов и љубезноста.
Ова е вистинскиот миг, ајде замижи!
Лесно преброди ги тагата и гневот,
и не дозволувај, туѓата сенка да ја
помати виделината на твојот живот.
Ах, кога би можела повторно да се родам…
Кога повторно би блеснала нова искра надеж,
кога повторно би се вратилa на спомените,
кога повторно би изгреало Сонце
после овој пороен дожд.
Без ниту една капната солза
без никакво каење,
би свртила грб на поразите,
би заборавила на оние негативни мисли,
би кажала КРАЈ на песимизмот во нашите души.
Да, мириса на нова шанса
за стариот сон да премине
во реалност…
Да се заборави светот на тага, љубомора и завист
Да се прифати човечноста, добронамерноста,
солидарноста и чесноста!
Само еден живот во малку поинаков свет
свет во кој би го дофатила она
поразличното, она недостижното…
свет каде светлината на љубовта и вниманието
се неизмерен повод за среќа.
Се сеќавате ли на она
бесконечно множество од убавини
што било нем сведок
на сите наши палавости и лудории?!
Еве, цврсто замижувам…
и како повторно да го гледам тоа…
едно исто ѕвонче што секојдневно
ѕвони крај пругата,
како да е симболот на детството
чиј воз одамна протатнал.
Ах, кога би можела да го запрам времето…
кога би го имала во неограничени количини,
кога сите би живееле во раскошот на
вистинските пријателства, довербата и почитта.
Кога веќе и среќата со пари
не се купува, дозволете
си барем за миг да се препуштите на
вашите сништа, верувам
ќе ве однесат во храмот на
оној сјај…сјај на насмевки!
Мечтаења, желби, копнежи…
бесценет дар со кој сите живееме!
Многу насмеани лица, а сепак тажни срца,
малку радости, а повторно многу солзи,
малку луѓе, а уште помалку
љубов и искрени чувства.
Зар ова е светот во кој живееме?
Зар ова се страдањата на луѓето
околу нас ?
Зар ова е тагата и болката со
која секој ден војуваме?
И бараме помош, бараме нечиј спас.
Ах, кога би можела повторно да се родам…
да гледам само насмеани луѓе,
луѓе кои веруваат во себе
луѓе кои ја делат среќата
а ја множат секоја подарена љубов!
Сонот е кристално јасен,
тоа е светот без грижи
свет на душевниот мир и спокој,
свет на духовното и вредното,
свет кој секој го посакува.
Исто колку што е минливо совршенството,
што во свеста на испраните мозоци се крие
толку е скапоцена слободата и мирот
за што секое срце силно бие!
Ти, само ти во сон ми доаѓаш
и крилја ми даваш,
Летај, ми велиш, летај…
А јас, јас исплашена од височините,
чекам и само чекам…
Да продрe низ мене и најтивкиот глас
кој ќе прошепоти:
Секој има своја ѕвезда,
секој има своја запишана судбина!
Најпосле…можете ли дури сега
да се сетите кои бевте,
пред да ви каже светот
кои треба
да бидете?
Продолжувам да чекорам…
како сè уште да лутам…да талкам…
со телото пред истиот тој прозорец
а со мислите далеку од реалноста
Но, кој е вистинскиот пат ?
Зар никој од вас не знае?
Песочниот часовник полека истекува
сè е околу нас, а животот полека замира,
се троши…заминува.
Имајте копнеж по она што
најмногу го посакувате…
Верувајте, соновите се кралскиот пат до несвесното!