Литература Литературна критика (рецензии)

Трагање по душата близнак, мит или вистина во денешно време? – Рецензија на „Души близнаци (11:11)“ од Весна Здравковска Трајковска

„Душата никогаш нема да се смири сè додека не ја пронајде својата втора половина.“ – Платон

Сите ние се раѓаме како единки, посебни и различни од сите останати, а толку слични на нив. Со себе носиме енергија по која сме препознатливи, а таа енергија нè движи низ животните патеки овозможувајќи ни да „вибрираме“ со истата и да ги привлекуваме или одбиваме другите. Во текот на историјата, особено во минатото, жените ги немале истите права како што ги имаат во 21-от век.

Што се случувало со жените во минатото?


Тие биле потчинети, немале право да се стекнуваат со образование, немале право на глас, морале да ги прифаќаат наредбите и ставовите од татквоците и мажите. Не смееле да се спротивстават на нивните барања. Така било уште од времето на инквизацијата кога еретиците билe осудувани и казнувани. Преку ловот на вештерки сè до денешното современо општество жените се дискриминирани онаму каде уште владее патријархатот.

Низ романот преовладува бунтот кон неправдите кон жените на Земјата низ сите историски периоди. Опишани се пет временски периоди во кои живееле и љубеле пет различни женски ликови. Тие имале различни имиња, различни животни патеки, но иста душа. Сите женски ликови порано или подоцна ќе го пронајдат она по кое трагаат.  Некои од нив предоцна или животот ќе им сервира такви „карти“ кои ќе направат да не можат да уживаат во тоа што конечно го пронашле.

Која е главната теза?

Главната теза е дека човечкиот живот не завршува со телесната смрт, туку претставува преселување на душата од тело во тело преку патувањето на душата низ времето односно низ вековите. Не е случајно тоа што постојат многу луѓе што имаат чувство дека нивната душа е стара и покрај нивните години кои го викаат спротивното. Како додаток на тезата за реинкарнација која е поткрепена со докази и научно-метафизички факти се надоврзува и следново: дека постојат сродни души, кармички души и души близнаци.

Во земскиот живот првите две сите ги среќаваме и ги имаме околу нас. Додека потрагата по душата близнак може да трае цел живот и да биде неуспешна. Може и да биде успешна после долгото трагање. Всушност средбата со душата близнак е кармички предодредена. „Кармата е хируршки прецизна и никој од неа не може да побегне“ – вели авторката.

Изнесувајќи ги мислењата на некои од древните филозофи кои ги искажувале своите ставови за душата почнувајќи од Платон кој говорел за „едното“, библиските записи, па до научници меѓу кои и Никола Тесла. Се зборува за преселувањето на душата после смртта. Сумирано во главната тема која се обработува била потполно актуелна уште од самата појава на човештвото до денес. Постои само една разлика, а таа е дека порано и не смеело многу да се говори јавно за некои работи кои биле забранувани и сметани за зло. Денес за среќа тоа е променето што е еден чекор напред за самото човештво и целиот свет каде постои слобода на говорот и каде се уважува човечкото мислење.  

Женските и машките ликови во романот

Животите на главните ликови се вековно поврзани всушност низ петте женски лика живее една иста душа која патува низ времето. Како и душата близнак еквивалентна на неа од машки пол живее во пет различни машки тела. Се препознаваат, се наоѓаат преку нивната емоционална и универзумска поврзаност. Од нивната прва средба кога се случува нивното препознавање и запознавање, потоа „магично“ се поврзуваат и доживуваат интензивни чувства. Чиишто секвенци ќе им се појавуваат преку сонови или инсерти во вид на дежа ву. Или како доживување на кое јасно можат да се сетат во нивните наредни животи.

Најчесто тоа е еден ист сон кој го делат душите близнаци во кој можат да го препознаат истиот лик со различно име. Вистината е онаа која била длабокиот порив што ја водел авторката да ги навезе овие зборови преточени во роман кој едноставно морал да биде напишан. Како што вели самата: ниедна книга не доаѓа во нашите раце случајно, а јас би додала и дека ниту е напишана случајно.

Затоа што има некоја доза на „различност“ од сите претходни книги што сум ги прочитала. Бидејќи те тера да веруваш во себе, во силата која само Бог може да ја даде, во моќта и прецизноста на кармата. Како и во љубовта која е исконска, извор и цел на нашето постоење. Без нејзе ние би биле никој и ништо. Љубовта како главен мотив ѝ ја движел раката и интелекутално ја поттикнувала да ги склопи петте различни животни приказни. Тие се различни по дејство, а сите слични во едно – потрага по својата друга половинка која има иста душа како нејзината. Која не може, а да не се препознае. Во очите е запишан нејзиниот код кој го носи душата. Другата половина во нејзните очи прави тие да се препознаат.

Силата на жената

Прикажана е силата на жената низ вековите, нејзината послушност, понизност, ранливост, но и убавина (често женските ликови се споредувани со божицата Афродита). Потоа нејзината сила, грациозност, лојалност, чесност, великодушност, дарежливост… Жртвите кои една жена може да ги направи во текот на својот живот можат да ја чинат скапо. Таа да плаќа со тага, повлеченост, емоционална отапеност и потиснување на своите потреби и желби.

Во името на љубовта кон децата и жртвата што ја направила за нив додека ги растела, во страв да не биде „етикетирана“ од другите, но и да не го „извалка“ своето име и името на нејзините родители се изложува на живот без љубов. Без емоционална исполнетост што ја исцрпуваат и физички и психички.

Но жената тоа го издржува. Бидејќи мора, а не секогаш затоа што сака. Затоа што чувствува длабоко и сака да добие возвратени чувства назад. Живее за да љуби и да биде љубена со иста мера. Тоа може да го доживее само со душата близнак. Можеби и со сродната душа која не мора секогаш да биде романтичен партнер. И со нејзе може да почувствува силна љубов и приврзаност, но никогаш не е исто како со душата која е дел од неа откинат и кој треба да го пронајде.

Што после неколку векови од сегашниот?

Дури и после неколку векови од денешниот потребата за љубов и меѓусебно припаѓање нема да се променат. Претопоставките на авторката за иднината, постоење одредени тестови што треба да се поминат за да може да се открие дали некој некому е душа близнак се доста интересни. Можеби науката навистина ќе може еден ден и тоа да го овозможи.

Спиритуалноста, делумно и фантазијата, љубовта, неправдите, револтот, откажувањата, жртвите, смртта, љубовта кон децата, љубовта кон животот, љубовта кон себеси се теми кои се опфатени. Претставите за идеална љубов која мора да постои, љубовниот занес, средбите кои се запишани на небото од Ангелите, Божјата сила, човекот што сака да глуми Бог, се само дел од коцките кои треба да ги склопите кога ќе ја прочитате.

Дали постоењето на душа близнак е вистина или мит, ќе мора да процените сами одејќи по вашата животна патека.

Слични написи

2 thoughts on “Трагање по душата близнак, мит или вистина во денешно време? – Рецензија на „Души близнаци (11:11)“ од Весна Здравковска Трајковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје