Искрадни се од мракот, од сивилото,
од темнината…
Прилепено застани зад прозорецот,
Со очи ококоравени
Со снага исправена
Со мисли расфрлени и чекај
Од негде таа да се појави,
КОЈ ТОА? Месечината.
Силно жари, сјае, со пеплосаните темно жолти,
помалку портокалови и црвени зраци.
Мислиш ќе те заслепи.
Толку блиску а сепак далеку е
Зрачи во полн сјај и светлина
Чиниш, единствениот ноќен фенер е.
Кој, само се прашувам кој
ли те пуштил сенка да му држиш,
да дојдеш при мене па
јас да уживам во твоиве убавини?!
Млада си гледам… млада сè уште
како девојка сè уште недопрена
како капката роса на утро наросена
како крцкавото стебленце на нарцисот
како младото фиданче покрај каменот.
Ти, ти си ноќниот гласник на доброто.
Ти си ноќниот слушател на злото и маките.
Ти си сведокот на сите ноќи непроспиени.
Ти си блесокот кој од најмалиот агол се пропушта низ домовите.
Ти си инспирацијата за уметничките творби
и поводот за среќа кога си најполна!
Некогаш сокриена, втисната, усрамена од сечиј поглед.
А друг пат пак ситна ситна… петлица
Сношти пак си се испакнала како стомакот на бремената жена.
А денес пак се исполнила… чиниш светилник е!
О. само да знаеш колку ми треба некој како ти!
Некој што ќе ме слуша во текот на ноќта
Додека јас плачам а другиот зад тебе умира!
Полека не итај да заминеш, да ме напуштиш!
Биди мојата придружничка вечерва
сè додека не заспијам се додека не потонам во соништата.
Ги чувствувам како ме галат твоите зраци.
Како ѕиркаш низ моето тесно прозорче
Како си навалена само уште да проговориш:
Ако мојот постар брат Сонцето
го гледа твоето тело јас ја читам
и гледам твојата чиста како
капка утринска роса твојата душа!
Ти великодушно небесно створение
што живееш, опстојуваш таму горе
Ајде поведи оро со твоите балерини,
најблиски сестри – ѕвездите!
Па целото небо нека заигра, нека се развесели,
нека затрепка па да изненади!
Жадова светлина зрачи од песната,
која ја напишав во мракот
Песната за милост ја праќам во огледалото на мудрата месечина!
Читај читај од моиве стихови, наслади се
и тивко согори во длабочината на темново небо!
Луно моја… Ти патуваш заедно со авионите, ракетите
Ти си мета на кометите и метеорите!
Ти нè следиш нас со твоите сателитски особини.
Остани верна како што си била
Зачувај ги до вечност тајните наши неоткриени, неодгатнати.
Па почни да светиш, распламти во сопствениот блесок!
И кога ќе дојде време тивко заспиј
во прегратките на својот небесен раскош!
Автор: Елена Ангелеска