Ваши дела Конкурси

Привид

Гледам силуета во далечината

низ маглата на моите копнежи,

среде ноќ,

сама и мирна чекори по улица

поплочена со моите надежи.

Привид.

Непоканета гостинка

во моите соништа.

Се прашувам дали ја гледам

или ја чувствувам?

Во нејзините чекори налик на срна,

ја чувствувам сопствената иднина

која ја земала со себе,

иднината која ме мами,

која ме тера да верувам

во сировите емоции

за кои човек

живее и умира.

Се сопнав на скалите

кои прерано пред мене

ги постави животот,

успеав и да се изгубам себе си во ходниците

на системот кој постојано

ја цицаше младешката сила од телово,

но неа, неа не успеав да ја убедам

да си замине од мојата улица.

А сега ја сретнувам почесто

и од себе си.

Таа секогаш гордо стои

на работ од тротоарот.

На средината од душава.

Го исцртувам нејзиниот лик

на месечината,

додека зјапам низ прозорецот.

Ја исцртувам на ѕидовите

покриени со слаба светлина

од ламбата.

Нејзините очи се создадени

да зачнат галаксии

во дамарите на душава,

а гласот, нејзиниот глас

е доволен да ги воздигне

паднатите ангели во срцево.

Во секоја црта,

секој белег,

секоја нејзина бемка

ја препознавам исконската,

женска убавина.

За неа би ги запишал сите

неискажани зборови,

би ги обоил сите надежи

кои талкаат низ самотијата.

За неа.

Девојката, нем сведок

на сите мои победи и порази,

привидот од моите мечти.

Девојката поради која уништувам

и создавам,

творам и чувствувам.

Девојката поради која крварам

и се исцелувам.

За неа дишам,

за неа живеам.

Автор:
Шифра: „Робин Худ“

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје