Skip to content

Ако каменот имаше душа – Тони Павлески

Ако каменот имаше душа

не ќе беа залудни молитвите

да ги везат ноќите непреспани

па ќе ги почувствував отчукувањата

на срцето приклештено

меѓу мојата и твојата воздишка.

Ако каменот имаше душа

не ќе знаеја на што

марионетите да се потпрат

обезличени и без конци

залажувајќи се себе си

со химната на неживотот.

Ако каменот имаше душа

не ќе беше песната недопеана,

разложена и разнебитена

со сите вечности во неа,

со неверување проследена

како јавен говор на грешник..

Ако каменот имаше душа

јас ќе му ја купев

за да дојдам на твојата страна,

па светот да мисли едно сме,

два обелисци на вечноста

скриени во својата ограниченост.

Ако каменот имаше душа

јас ќе посакав

вода да бидам,

па во моите длабочини да спие,

измиен и чист

ко тело на аскет.

Ако каменот имаше душа

ниеден поглед

не ќе беше за збогум,

растопен во зениците

пред вљубено,очекуваниот почеток

на вечната Нирвана.

Ако каменот имаше душа.

Ако каменот имаше….

Ако каменот…

Ако….Но….

Автор:
Тони Павлески

Напишете коментар