Ваши дела Конкурси

Заминатите

Мотелот е претесен,

ходниците предолги,

прозорците замаглени,

собите студени.

Нивните души контраст се на ваквите заѕидани простори.

Заминатите не збираат трошки

под туѓите трпези.

Не се хранат од туѓите мензи,

ниту пак се кираџии во туѓите срца.

Тие бегаат од луѓето-хотели,

кои нудат ноќи, но не и години,

па се претвараат во луѓе-номади,

кои се бараат себе си во далечните хоризонти и тишини.

Заминатите не се бегалци,

туку најсилни чувари на светото,

чии сопствени мисли станале трагачи.

Заминатите се духови,

премногу живи за општествена регрутација,

премногу мртви за модерната валидација.

Заминатите заминуваат со насмевка и без поздрав,

со товар кој не може да вети враќање.

И кога би се вратиле, тие повторно би биле заминатите,

странци во сопствениот дом,

само слики од сеќавањата кои исто така не ветуваат враќање.

Заминатите никогаш и не заминуваат,

лебдат онаму каде телесното е неважно,

онаму каде свесното е немоќно,

онаму каде што се чувствувале најсакано.

Автор:
„Патник“

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје