Трепери дланкава,
а се грижам како тоа поважно да е.
Трепери душава,
трепери од како го загуби светот од дланка.
Трепери како земја…
како земја врз која галопираат коњи со убави гриви…
или барем јас така ги замислив?
Пред тебе светот го држев на дланка,
а ти со твојот трепет и немир,
дозволи да летне во небесната шир.
Ох, немој да се грижиш,
еднаш… феникс ти ме нарече…
феникс… феникс… феникс.
Не престанувам да говорам на мојата растреперена душа:
„Биди феникс и летни од сопствената пепел
низ тајниот портал на твојата растреперена душа!“
Гледам во одразот на огледалото,
чинам и тука трепет гледам,
чинам и тука галопираат десетици гриви.
Еднаш ќе трепнеш, па ќе се сепнеш.
Не си треперел ти,
не галопирале убави гриви,
не треперел одразот во огледалото,
треперело моето младо срце…
И уште трепери во твојата мелодија.
Го чувствуваш ли немирниот трепет, еј ти?
Автор:
Елена Николоска