Велат, „туѓото е секогаш послатко“,
но, што е кога истото тоа туѓо
е и забрането?
Таков си ти,
туѓ и забранет.
Ама што знае срце за забрането
кога се сепна во моментот кога те виде.
Сепна и запра кога погледнав
во тие сини океански очи,
а на некој начин и си како океанот
-мирен и воздржан, а на моменти
солен и спремен за бура.
Во твоите очи се кријат
сите мистериозни бранови што претпоставувам
никогаш нема да ги откријам и почувствувам.
Сепак, доволно е и тоа што те немам,
исто е како да те имам,
на дофат си ми
а толку далечен – забранет.
Доволни се и минутите што ги имаме,
броени, но сепак доволни за да те видам како се смееш-
без разлика дали е заради некоја моја глупост
или поради некој друг.
А понекогаш,
тука си, а не си.
Како да имаш скриено сокаче
што секогаш те води до моите мисли.
Тука си, а не си.
Отсутен, а толку присутен
-во моето срце, во моите мисли.
Би изградила и ѕид,
но знам дека и тоа не би те спречило
да допреш до мене, инает си.
Тука си, а не си,
остани си таму каде што треба да си,
а тоа претпоставувам не е до мене.
Автор:
Шифра: anxtrxх