Пишувам за нештото кое го носам со себе низ животов. Думам за умот неуморен кој создава проблеми за одлуките. Се гледам себе си во минатото, а сум исплашен во сегашноста. Додека врсниците плачеа за играчки, јас плачев за светот кој постанува трул. Играјќи си во песокта дур години беа осум, наместо замоци; создавав теории за суштината на блескавите зрнца кои ни ги гореа табаните. Зошто, си велам сега не мислев за ништото како останатите. Зар, мораше да бидат години петнаесет, а умот да талка низ години дваесет и пет?
Пишувам за првото писание дур влакната пркнуваа. Ноќи неспиени, текстови томски беа врежувани на листовите. Дур другите невино правеа хартиени авиончиња.
Идеи илјадници беа се вдале во умот лукав, но почнаа да се разбегуваат како диви атови по излез на првата зора. Умот постана чуден.
Чуден е светов, чудно е виножитото и житото жолто. Виното исто така, дур испарува од чашава до мене.
Имав можност да викнам ура громогласно пред сите, но… решив да молчам и одам низ животецов тивко. Викајќи само во себе до триесет и една.
Без помпезност, ракоплескање и браво. Скромно зар не!
Пишувам за сѐ она што можев да бидам, но зачекорив наназад. Дал се плашев од умот кој можеше да експлодира и атира луцидно. Ил пак немав сили да ја играм улогата на гение во светот кој го замислував трул дур години беа четири.
Сега враќајќи се на нулта, пишувам за суштината на нештото поради кое можев да постанам нешто во оазата на трулежот. Но… решен, исчезнав во градините на Семирамида. Спокојно го набљудувам постоењето на нештото. Дур тоа кутрото се мачи со стварнината на сештото.
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.