На денешен ден е роден Ернест Хемингвеј, еден од најголемите американски и светски книжевници од 20 век.
Поседува немирен и авантуристички дух, кој го наследува од татка си, живее од акција, но и е писател со голем сензибилитет. Таа парадоксалност привлекува толку многу читатели и успева да го стави меѓу најславните и најчитаните писатели на сите времиња.
Зад маската на овој брадест боксер, голем и страстен риболовец и војник кој на само 18 год. е одликуван со медал за храброст на италијанските боишта за време на Првата светска војна, се чини дека се крие еден голем страдалник, за што и самиот ќе каже:
„Треба да страдате како вистински маченик, за да почнете сериозно да се занимавате со професијата писател“.
Но, сепак, целибатот не бил никогаш дел од неговиот живот. Кога би пишувале роман за неговата девственост, не би можеле да напишеме ниту две страници. Тука се наоѓа таа голема иронија, нешто што навистина го прави да биде единствен и голем писател.
Неговите четири брака
Се жени четири пати, а неговата трета сопруга ќе му рече: „ Треба да научиш како да не се жениш Ернест“, а тој толку мудро одговара: „ Сакам да се оженам со жената која што ја сакам за да му покажам на светот дека ние сме против него“. Како едноставно можеѕе да одолеете на овој одговор?
Кога ги читате неговите дела, едноставно сакате да одите и да посетите се она што тој видел,посетил, да ја доживеете таа возбуда барем за еден момент, да уживате барем малку во животот како што тоа го направил овој голем авантурист и хедонист. Долга е листата на градови каде живеел, творел, се инспирирал и ретки се тие што во текот на животот ќе успеат да го живеат животот како што тоа го направил Хемингвеј.
Се разбира, тука пред се мислам на Париз, град кој едноставно мора да го посетите и ако имате среќа, ќе живеете во него како што рекол и самиот тој.
„Ако сте биле среќни да живеете во Париз во младоста, каде и да одите остатокот од животот тој останува со вас, бидејќи Париз е подвижна гозба.“
Подвижна гозба
Токму така се вика едно од неговите последни дела, „Подвижна гозба“ , издадено постхумно, од неговата четврта жена во 1964 год., три години после неговата смрт. Ова е делото кое се чита пред да го посетите Париз, за да го почуствувате толку силно како Хемингвеј кога газите по неговото тло.
Тоа е интимна биографија на една младост, на неговите млади денови кои ги поминува во познатите париски кафулиња заедно со други писатели како Езра Паунд, , Ф. Скот Фицџералд, Џејмс Џојс и други членови на “изгубената генерација“, како што ги нарекува нивната муза Гертруда Стајн.
Толку многу го сакал Париз, пишувал дека луѓето кои шетаат низ париските улици мирисаат на кроасани и сирење, таму нашол инспирација и за неговиот прв роман кој достигнува вртоглав успех од другата страна на Атлантикот „Сонцето повторно изгрева“, ремек дело и класика на американската проза, и според многу американски критичари, почеток на хемингијевизмот. Тука можете да го препознаете неговиот едноставен начин на пишување по кој стана препознатлив и со кој ќе влијае на многу светски писатели после него.
Ова е можеби неговиот најуспешен роман, роман кој мора да падне во вашите раце и да го прочитате.
Добитник на Пулицерова и Нобелова награда
Редовно се навраќал во Париз во текот на целиот свој живот, престојувал во славниот Риц, хотелот кој сакал да го ослободи од нацистите во Втората Светска Војна и влегол вооружен во славниот бар, кој и денес го носи неговото име.
Но, мора да се нагласи дека добива светско реноме со неговиот роман „Старецот и морето“ за кој ја добива престижната Пулицерова награда и е причина што ја добива и Нобеловата награда во 1954 год.
За овој роман и неговиот книжевен ривал Фокнер ќе рече:
„Негово најдобро дело досега. Овој пат, успева да го пронајде Бога, Креаторот.“
Како да сака да каже дека Бог го создал човекот за да биде посилен од сите други суштества и секогаш успева да ја победи природата.
За крај, еден извадок од ова ремек – дело:
„Човекот не е создаден за порази. Човекот може да биде уништен, но не и победен“.
За жал, неговиот крај не е победнички. Се самоубива на возраст од 61 год. само неколку месеци откако ја напушта Куба во тешка депресија и параноја.
Сепак, има нешто што е поголемо од човекот, зарем не?
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.