Книжевниот фестивал за мали фикции „Друга приказна“ започна денес на 5.9.2019 во 19 часот во Младинскиот културен центар и ќе трае четири дена.
Фестивалот е регионален по својата природа, и во четирите фестивалски дена дваесетина значајни имиња од регионот заедно со исто толку домашни автори, ќе креираат и ќе дискутираат на книжевни теми. Енес Куртовиќ, Лејла Каламуиќ, Лана Басташиќ (од Босна и Херцеговина), Дејан Алексиќ, Ана Марија Грбиќ, Станислава Бараќ, Саша Ќириќ, Драган Протиќ, Дејан Илиќ (Србија), Војо Шиндолиќ и Луиза Бухарова (Хрватска), Владислав Христов, Иван Димитров (Бугарија), Нора Ислами и Тристан Халилај (Косово), Сузана Тратник и Андреј Блатник (Словенија) се годинешните гости од регионот.
Од македонските учесници, пак, посетителите ќе имаат можност да ги видат Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Андреј Јованчевски, Ѓоко Здравески, Искра Гешоска, Тијана Спасовска, Мања Величковска, Румена Бужаровска, Ненад Тонкин, Иван Шопов, Будимка Поповска, Ивана Харикли, Душко Крстевски, Владимир Мартиновски, Сеад Џигал, Анастас Вангели, Владимир Јанчевски, Ненад Јолдески, Владимир Лукаш, Ѕвездан Георгиевски.
Лауреат на четвртата „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина. Величковиќ има комплексен и разгранет книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики, кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“.
Годинава во рамки на фестивалот ќе се одбележат и два јубилеја: 25-годишнината на списанието за култура „Маргина“ и 10-годишнината од порталот „Окно“. Токму затоа насловот на главната тема на фестивалот годинава е „На маргините“.
– Со годинешната фестивалска тема „На маргините“ имаме за цел да разговараме за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. Маргината има за цел да одржува рамнотежа помеѓу субверзивноста и конструктивноста, да ги предизвикува на редефинирање констелациите на моќ. Таа е неопходна за постоењето на центарот и го дефинира, непрестајно ја напаѓа неговата стабилност, без притоа да има намера да го замени – објаснуваат организаторите.
Покрај разговорите, дискусиите и книжевните дуели, во рамки на фестивалот ќе се одржат и изложби, проекции на филмови и концерти. Влезот за посетителите е бесплатен.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.