Го погледнав дворот на искасапените трендафили.
Ја изгубиле бојата под призмата на месечината
Која долго бдеела над мојот прозорец.
Немам веќе страв од боцки.
Си купив и кактусов сок.
Ќе го пијам без шеќер, зошто природата никогаш не се засладува.
Денес здравјето го чуваме за сите поколенија.
А боцките ми ја боцкаат усната шуплина
Сакајќи да се засладат со течно агаве.
Доаѓаат од Екваторот.
А јас живеам во длабоки ветришта.
И кај мене нема засладувачи.
Има само горчливи лигавици
Кои не се производ на плункови жлезди.
Тогаш соковите се мешаат и не ми е важно
Дали боцкаат кактусовите боцки.
Горчината ги разнежнува и нивните болни бодежи.
Мириса на пролет.
Можеби заради ветерот кој дува од југ.
Седам и се мислам дали
Ќе престанам да се плашам и од животот.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.