Пред амбиенталниот простор на манастирот „Св. Јоаким Осоговски” денеска ќе се одржи традиционалната поетска манифестација „Лирски треперења”, во организација на Центарот за култура од Крива Паланка.
На поетскиот перформанс, што е предвидено да започне во 12:30 часот, ќе учествуваат дваесет поети од пет поетски клубови од земјава и од Бугарија.
Книжевната манифестација „Лирски треперења” денес одбележува една деценија постоење, а досега се одржувала во повеќе наврати пред портите на манастирот и пред локалната установа Градски музеј. Во досегашниот период на овој книжевен настан настапиле околу двесте поети од повеќе држави, а и годинава таа има интернационален карактер.
Учесниците ќе се претстават со свои поетски творби, а членовите на литературниот клуб „Калин” од нашата установа ќе настапат со сопствена поезија, но и ќе надополнат со стихови од големите поети од домашната книжевна ризница и светското поетско писмо, возвишено славејќи ја поезијата како музика и мелем за душа истовремено, изјави Мира Ѓоргиевска, директорка на Центарот за култура. Организирана е и посета на Кривопаланечкиот градски музеј. Манифестацијата се одржува со поддршка од Министерството за култура.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.