Би те љубела
како што го љубам Јадранот,
со сета животна радост
која како солени бранови
удира во коскиве.
Би те љубела со сјајот на зелени очи
вљубени во старите јадрански куќи,
во големите бели,
ширум отворени прозорци како душа на зајдисонце,
во високите црногорски порти низ чиј камен се плетат ноќници и леандри.
Би те љубела
како што го љубам Јадранот,
бескрајно и необјасниво,
со сигурност за повторно враќање.
Би те љубела со жарот на црвеното сонце,
со јачина на солта која ти ги разорува и
шири градите небаре се едра на мал дрвен и несигурен брод,
кој плови сам наспроти бесните тиркизни води.
Би те љубела во боја,
во боја на зелените смарагди,
на црвените залези,
на мозаичните фенери,
на сините бродови,
на портокаловите улични мачори,
во боја на перјата од лебедот кога со крилјата го пресекува зракот.
Би те љубела со страст на боем,
чии очи се полни бродоломи и занес.
Би те љубела низ музика на стари приморски свирачи,
кои се вечни заедно со звукот на виолината и летните ноќи.
Би те љубела сигурно како летот на галебот,
нешто слично како љубовта меѓу рибарот и морето,
како заветот на карпите и вечноста,
како долго посакуваната ладовина на маслиновите дрвја.
Би те љубела со очи на стар уличен уметник,
набљудувајќи и сакајќи го секој кварт од твојата душа,
боејќи ја со топло жолта боја твојата темнина,
не ставајќи рамка околу она што го гледам.
Би те љубела секој ден,
од изгрејсонце до зајдисонце,
ветувајќи и верувајќи во вечност,
вечност како Јадранот.
Автор: Јована Јаневска