,,Се плашам”, ми велиш.
,,Зошто?” те прашувам. Ти само ги подигнуваш рамениците. Велиш дека ете има нешто во тебе што не ти дозволува ниту да земеш здив, а да не се исплашиш повторно. Чувствуваш дека имаш некоја пречка, што навидум не можеш да ја поминеш.
,,Тогаш како планираш да ги оствариш твоите соништа? Имаш соништа нели? Или пак, едноставно остави секојдневието, меланхоличниот начин на живот, мислењата на другите да ги загушат тие прекрасни гласови во твојата глава? Ова второто е нели?”
Чекам да ми дадеш повратен одговор. Ти ја наведнуваш главата бидејќи во срце ти ги зарив овие зборови.
,,Гледај, мораш да се бориш”, велам. ,,Мораш да продолжиш напред.”
Те охрабрувам да се плашиш. Ајде, проклето плаши се од тоа што треба да го направиш. Нека те плаши до коска, до гола кожа. Тоа е сосема во ред. Сосема е во ред да се плашиш од нешто, сосема е во ред да признаеш и гласно да кажеш ти треба поддршка, мотивација и сила. Но, да се потчиниш на стравот и да молчиш додека се јадеш однатре, е тоа не можам никогаш да го прифатам. Плаши се, но не се повлекувај од битката. И покрај тоа што се плашиш направи го тоа. Па соочи се со стравот веќе еднаш. Зарем немаш толку доверба во себе па мислиш дека не го можеш тоа? Зарем мислиш дека не си доволно силен?
А да ти поставам вакво прашање. Што е всушност стравот за тебе? Што е тоа што толку многу те спречува да го направиш тоа што го сакаш? Некое ,,чудовиште”, некој човек, некоја ситуација? Што е тоа што те спречува гласно да го кажеш своето мислење? Што е тоа што те спречува да се преселиш во градот што го сакаш? Да положиш за нешто? Што е тоа што те спречува да згрешиш, да бидеш подобра верзија од себеси? Што е тоа?
Можам ли да погодам дека тоа е само некоја илузија создадена во твојата глава, која ти секојдневно ја храниш со негативност и таа сè повеќе расте до тој степен што се претвора во страв и те влече назад со сите сили? Зошто не пробаш за промена да ја храниш со мотивација и одлучност? Зарем не би било прекрасно кога би застанал цврсто спротивставувајќи му се на стравот? Зарем не те возбудува и самата помисла дека ќе се соочиш со него?
,,Што ако не успеам?” велиш.
,,А што ако успееш?”
Ох човеку, што ако ги рашириш крилјата и таа замисла за поубав живот се оствари? Што ако сите твои соништа станат реалност, ако го живееш животот којшто го сакаш? Зарем тоа не е прекрасно? Замисли, за да го достигнеш сето тоа треба само да се соочиш со стравот. Па ајде што чекаш? Направи го тоа. Аплицирај за работата што те плаши, започни го бизнисот што мислиш дека нема да успее, биди свој и покрај предрасудите. Оди кон непознатото онака храбро, јуначки и лудачки, затоа што само така ќе го промениш својот живот. Само така ќе бидеш мотивиран и ќе живееш живот исполнет со љубов и среќа. Само соочи се. Ти шепотам: ,,Соочи се со стравот.”
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.