Skip to content

Биди човек каков што му треба на светот!

Биди човек – помогни. Колкупати сте се нашле во ситуација да треба да помогнете некому, а колкупати некој требало вас да ви помогне? Во тие истите ситуации колкупати ниту сте помогнале ниту ви било помогнато? Сигурна сум дека можете да се сетите најмалку на три такви случки. И знаете што? Во таквите ситуации може да се согледа туѓата човечност и емпатија. Благодарение на мојата алтруистичка природа која ме “тера“ да се грижам за другите кога се во неволја, сум се нашла во ситуација да помогнам многупати и без да ми биде побарана помош.

Целта на оваа колумна не е да покажам колку сум човечна и колку многу сакам, или можам да им помагам на другите. Туку да повикам на „будење“ на колективната човечност и да ве поттикнам да бидете алтруисти. Изборот на мојата професија не беше воопшто случаен, па така сметам дека моја „должност“ е да се обидам да правам промени секаде каде (и колку) што можам. Во надеж дека сите што ќе го прочитаат овој текст ќе бидат инспирирани да гледаат малку поинаку на нештата. Дека ќе бидат поттикнати конечно да ја прифатат вистината – дека на светот му треба повеќе човечка добрина! Добрината што произлегува од еден човек претставува добробит за целото човештво.

Какви луѓе постојат?

Ако му помогнете на еден човек, исто како да сте му помогнале на целиот свет. Знаете, секој човек е претставник на светот во кој живееме. А сите заедно сме само привремени гости на планетата Земја. За жал, и покрај толку многу години, децении, столетија, векови, злобата и омразата во светот уште не се искоренети. Бидејќи нашиот престој на оваа планета е привремен и непостојан, се прашувам која е поентата да се троши скапоценото време што го имаме на банални работи, на злосторства и омраза? Зошто за промена не се обидеме да шириме љубов, помош, пријателство и среќа? Да се спротивставиме на глобалната омраза, војни, неправди и злосторства со сите можни средства што ги имаме на располагање!

А, едно од тие средства е помошта и подадената рака едни кон други. Наместо во другите да гледате ривали, противници, и да развивате компетиција – гледајте во нив инспирација. И шанса заедно со нив да растете и да постигнувате заеднички успеси. Западната и источната култура се разликуваат во повеќе погледи, едната ја негува индивидуалноста, а другата колективитетот, но сепак заедничка е потрагата по успех и подобар живот. Не постои човечко суштество кое не би сакало да има мирен и спокоен живот. Но во 21-от век за жал сè уште постојат деца кои се голи и боси, изгладнети до смрт. Има и деца што работат уште од најрана возраст и се третирани како работна сила.

Постојат луѓе што живеат во комплетна сиромаштија и едвај сврзуваат крај со крај. Немаат најосновни и нормални услови за живот. Има и луѓе што се опасни по својот и туѓите животи.  Кои злоупотребуваат оружје, тргуваат со деца и други луѓе, па и човечки органи. Луѓе што сакаат да нанесуваат штета на другите. Но ги има и оние коишто немаат каде да ја поминат ноќта и облечени во парталави алишта. Се неизмиени со месеци и се хранат по контејнери.

Помогни за да ти биде помогнато

Има и такви кои не го почитуваат ближниот свој ниту пак се почитуваат себеси. Има и материјалисти, такви кои се заслепени од богатство и од идејата за слава. За стекнување материјални добра. Луѓе што би газеле преку лешови само за да го добијат тоа што сакаат и вака до бескрај. Сега имаме донекаде комплетна слика какви луѓе постојат во светот, а на сите нив им недостига емпатија, но и многу љубов која за жал не ја добивале поради некои причини.

Но, да не се фокусираме само на негативностите. За среќа, уште постојат луѓе што се полни со љубов и која сакаат истата да ја шират. Постојат луѓе што имаат блага насмевка и топол збор речиси за секого. Такви кои не прават разлика помеѓу социјален статус, класа, раса, пол или религија или поделба по некоја друга основа. Луѓе што ќе ти излезат во пресрет дури и кога не ти го знаат ни името. Има и такви кои би скршиле половина од својот ѓеврек и без размислување би ти го дале иако умираат од глад.

Има меѓу нас и такви што сакаат да ги гледаат другите среќни и задоволни бидејќи сакаат радост и живост, односно тие самите се оние што бескрајно му се радуваат на животот. Оти такви луѓе знаат дека тој е прекраток и скапоцен, па не сакаат да го трошат бесцелно. Ги има и такви што нема да побараат услуга поради тоа што ви направиле услуга. Луѓе што не ти ја гледаат облеката туку ти ја читаат и сакаат душата. Оние кои те милуваат со поглед и збор, без да те допрат. Коишто се како сонце бидејќи блескаат секаде каде што ќе се појават. Во чие присуство растете како индивидуи и се чувствувате богати бидејќи ги познавате и се во ваша близина.

Како се прави светот подобро место за живеење?

Оние што се духовно богати и од кои можете да научите животни мудрости. Такви што раскажуваат приказни и истите ги зближуваат луѓето. Ги има и оние кои би оделе на крај на светот со вас само бидејќи ве сакаат. Тие што ве почитуваат, а не гледаат корист од пријателството ваше. Тие ви се како семејство, а не се крвно поврзани со вас. Истите би препливале и океан само за да ве видат. Се рамо за плачење во најтешките денови и се радуваат на вашата среќа исто како да е нивна.

Тие што ве мотивираат, што се неизмерна поддршка и кои имаат најдобри намери. Ете, такви луѓе му требаат на светот! Оти, помошта многупати може да биде бесплатна и да не ве чини ништо, а за некого да значи цел еден свет. Кога ќе направите некого среќен поради вашиот мал гест на внимание и подадена рака – сте му подариле помош и радост на цело човештво. За да го направиме светот подобро катче за живеење, најмалку што можете да направите е да покажете човечност – помогнете секогаш кога можете.

Напишете коментар