Ѓурѓевец

Се накитив со ѓурѓевец

Со момина солза, со бели миризливи цветови

Со Мариините солзи, симбол на понизноста

Христов предвесник.

Крин од долината, носител на среќата

Цвеќе кое гревот не го познава

Се размножува меѓу трње високо

Но ја наведнува глава

Ја прикажува скромноста Христова.

Ти, цвету кој се будиш со песната на славејот

И носиш само вести убави,

Крину со три листа

Тројство на надежта, верата и милосрдието,

 Ќе ја просветлиш ли мојава душа?

Или треба да се плашам од твојот отровен мирис?

Само едно знам,

Ќе те опијам, ќе те однесам во земјата на чулата

Каде се осознава опојот

И мирисот го заменува секое сетило

и остава трага неизбришлива

и ќе се сетиш на мене

секоја пролет, секое раззеленување

па ќе посакаш да ме помирисаш

и ќе живееш со сеќавањата

зошто само еднаш ќе те опијам

но, ќе се сеќаваш засекогаш.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?