Ако се прашуваш: ,,Дали е во ред?”
,, Да во ред е”.
Сакам да ти кажам дека ја разбирам твојата збунетост. Се обидувам од овие зборови да изградам мост на разбирањето помеѓу моето и твоето срце. Помеѓу две срце кои живеат евентуално во еден ист, но сепак два различни света. Сакам да ти кажам дека ја имаш мојата поддршка. Да, верувај во себе.
Во ред е да се плашиш. Да, во ред е да не бидеш во ред. Во ред е некои денови да си премногу среќен, а други прeмногу тажен до тој степен што ниту збор не сакаш да прoговориш. Да, во ред е да ја напуштиш личноса што ниту малку не те почитува и не е лојална кон тебе иако ја сакаш повеќе од сè. Во ред е тоа да те плаши, да те плашат промените, но запомни дека тие не треба да те врзат со јазол за таа токсичност што упорно само ја одзема силата од тебе. Да, во ред е гласно да кажеш дека некој упорно те повредува, во ред е да направиш и да ѝ ставиш дознаење на личноста дека ако не се поправи ти ќе се откажеш од неа и тоа со големи аргументи кои ,,држат вода”. Најпрво поради себе. Поради твоето срце и душа бидејќи ти не си роб за некој да те искористува.
Да, во ред е да засакаш некој нов. Во ред е да се обидеш повторно. Во ред е да дозволиш неговото име да се вгнезди во твоето срце. Во ред е да ги искористиш новите прилики што ти ги нуди овој прекрасен живот. Сосема е во ред да се почитуваш себеси но и да не ги заборавиш другите околу себе. Сосема е во ред да кажеш НЕ, да кажеш ДА кога нешто навистина сакаш да направиш. Во ред е да го гледаш тој некој нов со голема љубов, во ред е да си подготвена повторно да дадеш, но и да почувствуваш љубов. Истакнувам дека повторно е во ред да си заминете од онаму каде што сте непосакувани, непочитувани, неценети доволно, искористувани. Во ред е. Стиснете ги забите и колку и да боли морате да ја оставите таа токсичност позади себе ако сакате да ги раширите вашите крилја и да полетате на некои нови дестинации исполнети со љубов.
Да, ти велам дека е во ред да не ги послушаш другите гласови. Треба да го слушаш оној тивок, но моќен глас на срцето. Запиши се онаму каде што сакаш, учи го она што го сакаш, работи она што сакаш, следи ги своите соништа, а не нивните.
Да, ти имаш право на тоа да бидеш добро. Да имаш душевен мир. Бидејќи и ти си само човек. И ти имаш право да заминеш и ти имаш право да погрешиш и ти имаш право да простиш. Бидејќи си од крв и месо, не си од челик, а често овој свет нè третира како такви. Небаре ние сме роботи, па целата негова злоба можеме да ја сомелеме во нас некако набрзина и да ја заборавиме.
Ние не сме кукли на модерното време, овој живот не е театар, оваа судбина не е сцената. Не! Ова е ваш живот и вие одлучувате.
Само бидете храбри и направете ја таа промена што долго време ви стои во умот, но и ве плаши. Биди борец, храбар борец, силен борец, упорен борец и изгради свое цврсто ЈАС, бидејќи во ред е да бидеш единствен во овој свет каде, повторно ќе кажам, сите се бледи копии едни на други.
Автор: Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.