Skip to content

Епитаф

Отсекогаш сум имала моќ да патувам без да направам еден чекор. Во замислените светови можев да пронајдам многу работи, и за чудо секогаш го наоѓав тоа што ми требаше. Тоа со имагинарните патувања најизразено беше во детството кога си разговарав со моите замислени другарчиња. Заедно патувавме во магични земји на кои често им давав имиња. Најомилени ми беа „Шаренолија“ и  „Земјата на насмевките“. Таму сè беше по моја мера, хармонично, весело и шарено. Како што растев тие посети стануваа сè поретки, а пореални беа местата што ги посетував во вистинскиот живот.

Шаренолија се претвори во „Сиволија“, а понекогаш и во „Црнолија“. Додека Земјата на насмевките се претвори во „Земја на неправдите и злобата“, и срцето ми се кинеше поради тоа. Во еден мал дел од мојата фантазија постоеја убавите земји, имаше мала трага од нив, но со едно сознание тие засекогаш исчезнаа од мозочната хемисфера.

Една студена и влажна зима кога станав од спиење ме пречекаа лелеци и тага. Тогаш за првпат се соочив со суровоста на смртта и ние две се запознавме. Јас со моите едвај шест лета, таа со нејзиниот долгогодишен стаж. Нека е проклета! Крајна дестинација од која нема бегање. Ми се чини премногу рано индиректно се запознав со неизбежната дестинација. Да не ми ги земеше штотуку родените двајца браќа, сега најверојатно ќе беа покрај мене. Животот испадна многу нефер кон нив и кон нас. На нивниот надгробен споменик што никогаш не беше издигнат ќе сакав да стои ова: „Овде лежат Ангелите што беа пратени од небо и прекратко се задржаа на земјата“. Со нивното заминување одеднаш созреав и засекогаш се збогував со замислените другарчиња.

(16 години подоцна)

Решив да излезам на прошетка. „Каде е шарениот чадор?“, ја прашав мајка ми. „На своето место, како и обично“, ми одговори. „Не можам да го најдам таму“, велам. Дојде и за десет секунди ми го подаде: „Паднал зад шкафот“, ми рече и додаде: „Само тебе ти текнува да шеташ кога врне, кога немаш обврски“. Јас само ѝ се насмевнав и излегов низ врата со мисла: „Ниту дождот не може да ме спречи во моите намери“. Тогашната намера ми беше да се прошетам малку и потоа да ги посетам гробиштата. Тотално неочекувано од моја страна, и баш невообичаено место за посета.

Но, имав желба тоа да го сторам. Како деца се плашевме да поминуваме покрај градските гробишта и ги заобиколувавме. Избегнував погреби бидејќи не можам да ја поднесам целата атмосфера, ми се лоши дури и од помислата. Тогаш одлучив дека ќе направам обиколка низ сите тие места што се вечни почивалишта на оние што не се помеѓу нас. Знаев дека е време конечно да се ослободам од нереалниот страв. Патем, таму нема(ше) никој. Посебно не на такво време. Влегов низ железната капија, ме обзеде чудна тишина што беше испрекината со дождовните капки кои удираа по шарениот чадор. „

Сигурно нема да биде бучно како во диско, будалче едно“, си помислив во себе. Се движев помеѓу плочите гледајќи ги сликите на починатите заедно со нивните датуми на раѓање и умирање. Силна болка ме стегаше меѓу гради кога моите очи гледаа во тие бројки што сведочеа за прерано згаснатите млади животи иако не познавав никој од нив. Некои биле на земјава толку ограничен период што дури нивната возраст не успеала да стане двоцифрена!

Можев само да ги замислам тагата и празнината што ја оставиле зад нив и да ги почувствувам истите. Овие се тие нефер животни ситуации за кои сакам да раскажувам. „Ако останам барем уште еден час ќе имам доста материјал за пишување“, си велам тивко за себе. Оваа мисла беше придружена со следнава: „Само јас можам да црпам инспирација од невообичаени места“. За моја среќа тоа совршено ми одговараше. „Вечно ќе бидеш во нашите срца“, читам на надгробниот споменик. „За колку ли луѓе можам истово да го речам“, си велам и во исто време имам желба да измислам некоја формула за бесмртност. Така немаше да постојат ниту гробници ниту срцепарателни мисли како последен поздрав.

***                             

Се враќам дома и никому не кажувам каде бев последните два часа. Се чувствував вдахновено и со необјаснива желба да го грабнам секој миг, а секој ден да го направам вреден за паметење. „Кога ќе умрам не сакам да ми носите цвеќиња“, ѝ реков на сестра ми. „Од каде сега тоа?“, зачудено ме праша. Не знаеше дека во мислите ми поминуваат мисли за смртта и за тоа како го замислувам сопствениот погреб. „Гледав еден филм, од таму ми е идејата“, ја излажав. „Намали со гледање такви филмови, рано ти е за умирачка“, ми рече со сериозен тон на гласот.

„Ако, за секој случај сакам барем ти да знаеш“, реков со иста сериозност. „Друга желба имаш?“, ме праша. „Само да умрам пред тебе“, ѝ реков и силно ја гушнав мојата помала сестра. Пред спиење, сестра ми ја изгасна ламбата, а јас уште под импресии од случувањата од претходно, ѝ велам: Сакам ова да го пишува на мојот епитаф: „Проживеа за два животи, си замина засекогаш, но нејзините дела ќе живеат вечно“. Само што го изговорив си помислив колку клише звучи, но проклето сакам да биде вистина. Таа ми одговори: „Добра ноќ и слатки сни. Ми требаш овде, не мисли за таму“. Ѝ реков: „Добра ноќ и тебе“, а мојата мисла остана да лебди во воздухот: „Само нека биде колку што е можно подоцна за да биде прикладен краткиот текст што ќе го краси епитафот“.

Напишете коментар