Колумни Литература На пауза со моите монолози

Зборот лекува, зборот труе

Сите сте ја слушнале поговорката дека убавиот збор железни врати отвара. Јас само би додала дека секој збор треба да биде во склад со нашите дела. Знаете убавиот збор не вреди ништо ако не е кажан искрено, ако не се верува во него и ако постапуваме спротивно од кажаното. Кога ќе го усогласиме процесот на исполнување на зборовите преку нашите акции, тогаш значи дека сме доследни на себе и можеме да се наречеме „луѓе од збор“. Сигурно ви текнува на некој во вашата околина кој едно мисли, друго зборува, а трето прави. Дали можете да му верувате на таков човек? На човек што не си ги исполнува ниту сопствените зборови, ниту ги усогласува мислите со сопственото верување и постапки?
Што кога не си стоиме на збор?
Сигурна сум дека секому барем еднаш му се има случено да си го згази сопствениот збор поради одредена причина. И што се случува тогаш? Некој ќе се измачува и ќе се прекорува до бескрај зошто постапил така, а на некој нема да му биде воопшто грижа и ќе го направи тоа уште неколкупати без грижа на совест. Тоа ја прави разликата на луѓе кои знаат дека себеси не можат да се излажат и кои имаат високо развиено ниво на самосвест и преземаат одговорност за своите постапки и останатите кои се лажат сами и успеваат да се убедат дека нивните лаги се вистинити.
Не сакам да ги делам луѓето во категории, но поделбата самата се наметнува при опишувањето. Во последно се фаќам себеси како размислувам за животот, за неговиот ограничен „рок на траење“ и како ние всушност сме само „привремени жители“ или „станари“ на планетата Земја. Речиси сме 8 милијарди луѓе, а светот некогаш изгледа толку мал чиниш сè ти е на дофат во секое време. Кога сме на тема „краткотрајност“ или „привременост“ на животниот век, секогаш ми се појавува следнава мисла: „Не е важно колку долго ќе живеам, важно е каков ќе ми биде животот.“
Што поточно мислам под оваа премиса?
Квалитетот е поважен пред квантитетот, речиси секогаш. Кога би го поврзала тоа со животниот век, тоа би звучело вака: „Не ми важно дали ќе живеам 35, 55 или 85 години, туку многу поважно ми е тие години што ги имам на „располагање“ да ми бидат убаво проживеани. Сакам да можам да кажам дека сум живеела квалитетно според сопствена проценка. Квалитетот на животот секој си го мери според сопствени стандарди. И според тоа што се смета за „квалитетно“ во нечиј систем на вредности или верувања. Дефинитивно и сигурно е дека сите немаат иста претстава за тоа што значи квалитетен живот. Затоа секој е слободен и има право да направи избор на каков начин ќе ги искористи годините што му се ограничени.
Колку порано ќе ја прифатиме сопствената „крајност“, „ограниченост“ или „смртност“, толку поинаку ќе почнеме да гледаме на нашите животи,. Тогаш ќе ни се отворат прозорчињата што „алармираат“ дека треба да бидеме благодарни за секоја секунда, минута, за секој ден, месец, година… олку повеќе ќе сакаме да ги искористиме за да направиме вредни спомени. За да има што да раскажуваме таму некогаш, кога ќе бидеме многу поблиску до последната етапа од нашите животи. Затоа што со секој изминат ден сме сè поблиску до нашата крајна дестинација. Зошто да си го трошиме времето на нервози, злоба, озборувања, банални работи?
Зошто да не му придаваме големо значење на нешто што ни одзема дел од позитивната енергија, и ни ја троши?
Не би требало да го сфаќаме престојот на овој свет „здраво за готово“ или со други зборови да ни биде сеедно. Она што треба да го знаеме е дека нашиот живот има цел и нашето постоење не е случајно! Секое живо суштество има одредена цел, како и причина зад неговото доаѓање на оваа планета. Планетата е наш заеднички дом, а единственото постојано живеалиште од кое никогаш нема да можеме да си заминеме е нашето тело. Овде ми се јавува мислата што одамна се појави во мојата глава: „кај и да одиш, од себе не можеш да побегнеш“. И што мислам под ова? Дека единствено се имаме самите себе односно дека можеме да смениме и десет живеалишта, да патуваме низ целиот свет, да смениме три континенти, но ќе бидеме она што сме биле. Само со побогати искуства. 
Плус тоа од себе никогаш не можеме да се сокриеме. Единствени и најгласни судии за нас, сме ние самите, секој за себе. Можеби ќе бидеме попустливи кон себе во одредени периоди, или ќе бидеме адвокатот на ѓаволот, но никогаш не смееме да дигнеме раце и да се предадеме! Животот многупати ќе се обиде да ни даде причина за да помислиме „сега ми е доста“ или „преку глава ми е од сè“, но ние имаме моќ и сила да му покажеме дека „можам и со ова да се справам на мој начин“. Бидејќи за секој проблем постојат многу начини за негово решавање, оваа мисла нека биде водечка секогаш кога ќе се соочите со некоја тешкотија.
Зад сè постои некоја причина
Помислата дека сè може да се реши и дека некогаш навидум огромниот и нерешлив проблем сега изгледа како мачкина кашлица и се решил без многу напор, треба да биде постојано присутна во нашите глави. Оти проблемот може да биде многу поголем во нечија глава отколку што самиот тој е навистина голем. Оти паниката, стравот, стресот и грижата можат да ве одведат во „замка“ или во „очај“. Обидете се да имате отворен пристап и широки хоризонти за сè што ви се случува. Верувајте дека не е залудно ништо, и за сè постои некаква причина.
„Којзнае зошто е тоа добро“, некогаш знае да делува утешително. А, јас знам дека не делува за џабе така. Бидејќи добро е поради што се случило. Без оглед дали е позитивно или негативно, сигурно ни донесло некоја поука или животна мудрост. Треба само да знаеме да ги „читаме“ и препознаеме пораките што ни ги испраќа универзумот. А, такви има секојдневно, буквално на секој чекор. Во секое ќоше и на секое место каде што ќе појдеме или пак ќе го препознаеме тоа од удобноста во нашиот дом. Го завршувам овој текст токму од удобноста во моето катче.
Се надевам дека ќе се обидете да препознаете трошка позитивност во некој негов дел. Или ќе пронајдете зрнце светлост што ќе ви даде инспирација во вашите секојдневни животи. Ви посакувам убав остаток од викендот. На здравје паузирање. До следно!

Слични написи

One thought on “Зборот лекува, зборот труе

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје