Нормално дека ќе те повредат. Кажи ми еден човек кој не бил повреден? Што не плачел, што не паѓал, што не губел? Нашите срца многу добро знаат што е болка, неверство, забиен нож во грбот, лицемерие, тага, солзи и сите добро знаеме дека од сето тоа посилни излегуваме.
И не, немој да ги слушаш кога ќе ти кажат, дека треба да бидеш како тие што те повредиле. ,,That’s not the point.”
Нема поента ако те повредат и ти да стануваш како нив. Затоа што така ќе го загубиме светот. Ќе се претвориме во луѓе без срце, во луѓе без душа. Ќе владее самотија и студенило, вечна зима. Знам дека она што го посакувате не е тоа. Затоа не треба да бидеш како тој што те скршил. Никогаш. Треба да бидеш подобар, да имаш поголемо срце од него. Треба пред сè да бидеш човек. Човек кој нема да се плаши да биде повреден и да се издигне од тоа.
Клише е да се каже дека веќе немаш чувства затоа што премногу те повредувале. Дека ти е сеедно. Знам, ох знам дека никогаш не може да ти биде сеедно за нешто кое со срцето си го почувствувал, без разлика дали е пораз или победа, болка или среќа.
Всушност ние се плашиме од болката. Кога ќе видиш како болката доаѓа, не треба да ја наведнеш главата. Треба да ја собереш таа луда, но корисна храброст и смело да ѝ погледнеш на таа кучка во очи. Да се соочиш.
Соочи се со фактот дека ќе бидеш повреден и победи го. Соочи се со фактот дека ти си самиот на себе најголем пријател, соочи се со сè што те плаши и издигни се посилен од било кога.
Не заборавајте, кажете си: И што ако бидам повреден? Влези во сржта на стравот. Да. Ќе плачам, премногу ќе боли, ќе пече, можеби никогаш нема да бидам повеќе истиот. Но, тука ставам едно големо но. Нема да бидеш истиот, но болката ќе те направи поголем човек, ќе издржиш и нема повеќе да се плашиш. Слобода е кога ќе се ослободиш од сè што те држи во канџите и не те пушта да живееш. ТИ, ќе го пребродиш тоа.
Да, ТИ беше повреден. Знам дека срцето те боли. Само погледни каде си сега. Посилен, подобар, ,,поголем” човек си сега, кој гордо може да каже дека се сооочил со болката и ја победил. Самиот ти ја даваш нејзината моќ да те повреди.
Знам дека твојот збор ќе биде последен. Кажи ѝ ,,Шах-мат” на болката и набилдај ја својата самодоверба и истрајност.
Автор: Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.