Skip to content

Коледарски песни – предвесник на Христовото доаѓање

Денес сите го очекуваме големиот настан, Христовото доаѓање, возбудени и радосни, распеани и закитени со бадникови гранчиња кои се симбол на здравје и среќа. 

Ги носиме со нас за цел живот спомените од  Бадниковите вечери и отчукавањата на срцето пред да се добие паричката која ни носи среќа цела година.

Но, малите коледарчиња се оние првите во раните зори кои го навестуваат празникот и одат од врата до врата да ни ја кажат убавата вест „Христос се роди“.

За возврат добиваат подароци: пари, ореви, костени, јаболка, портокали…

Вечниот Бог слезе и во Дева се всели: свет, свет, свет си и пресвет Господи. Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази: свет, свет, свет си и пресвет Господи…“

Ова е една од бројните Коледарски песни, кои се пееле во деновите на празнувањето на Рождеството Христово и се нарекувале „каланди“.

Во продолжение уште неколку песни кои се пеат за Коледе, a сигурно веќе некои ги знаете:

Ха, Ха, Коледе
Ха! Ха! Коледе!
Коледица, Варварица,
Сива, сива Голубица
кај си ошла прошетала?
Сум си ошла покрај море.
Што имаше, што немаше?
Та имаше бели чаши,
бели чаши и канати.
Да сʼнапие бели Божи.
Божик ми е на небеса.
Ха! Ха! Коледе!
Пири, пири
испириге Грците.

О,леле деде
О,леле деде!
Паднало греде,
отепало деде.
Дедо се влечи,
баба го плачи,
и си го теши:
-Молчи ми старче,
кусо магарче,
подај ми праче,
да отепам врапче,
да не ти к’лвнат
твојте гурелки.
Подај ми камче,
да утепам петле,
да не ти к’лвни,
твоите мрсулки.

Коледе, Коледе
Коледе, Коледе,
Се замучи Божја мајка,
од Игната до Божиќа.
па си роди млада Бога,
млада Бога, Божиќа.
Коледе….

Утре вечер Бадник вечер
Утре вечер, Бадник вечер,
бодни коња на пазара
кјупи риба, јогула,
дојди дома да ја вариш.
Сркни риба – убоцај де,
пи си вино – весели се.

Идит Божик
Ид’т Божик.
носит ноже,
да колиме теле,
теле велит: – леле,
не коли ме мене,
коли го зајка!
Зајчина дечина,
подебели мечина.

Ви посакуваме убави и незаборавни моменти со вашите најблиски оваа вечер и среќни и весели празници!

Напишете коментар