Некои работи навистина никогаш, но баш никогаш не престануваат да болат. Колку да гледаме кон иднината, колку и да ставаме мелем на тие рани, не бива. Секогаш наоѓаат некаков начин, некој спомен ќе ги расече, некој случаен странец, некоја случајна насмевка. Некои работи едноставно болат и болат и болат, и никогаш нема да престанат. Можеби мислиме дека престанале и токму тогаш ете ти, повторно очите ти солзат, повторно истите спомени, повторно тие сеќавања на едно минато.
Душата на еден човек е океан на тајни драги мои. Да се осмелиле да запливаме таму, којзнае колку од нас живи би се вратиле. Токму во душата на еден човек се кријат најригорозните болки што некогаш ги почувствувал. Секој човек има по еден трготалено тажен спомен, кој го чува само за себе. Да седнете и да слушате што еден човек има да каже, што научил на овој животен пат е толку скапоцено. Не е лесно да го разбрануваш тој океан на душата, па потоа повторно да го вратиш во нормала како ништо да не се случило.
Некои работи, не се забораваат. Знам дека многумина од вас ќе се сложат. Колку и да сакаш, каде и да одиш што и да направиш секогаш она од што бегаш го носиш внатре, во себе. И на крајот на светот да отидеш, сите земји да ги пропатуваш, со најмудрите луѓе да се сретнеш, да побараш совет од најдобрите доктори, болката нема да стивне. Ниту лек постои, ниту заборав. Тоа е она што уште повеќе боли. На нас луѓето судено ни е да живееме со сеќавањата на некои работи. На крајот барем раните нема да нè напуштат како сите други.
Тие секогаш ќе бидат со нас. Во некои темни ноќи ќе раскажуваат приказни, во други ќе болат, во трети бескрајно ќе крварат. Понекогаш ужасно ќе те печат и ќе те потсетат зошто не треба да ја направиш истата грешка, бидејќи ако нанесеш рана на рана, колкави се шансите за душевно преживување? Но едно е сигурно. Тие рани меѓу другото, секогаш ќе те потесетуваат дека си живеел и живееш. Ќе те потсетуваат дека пред сè останато, си човек.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.